ПочетнаЕКОНОМИЈАМАКЕДОНИЈАРаботникот гледа плата, газдата гледа друга сума: Колку навистина чини еден вработен...

Работникот гледа плата, газдата гледа друга сума: Колку навистина чини еден вработен во Македонија?

„Ако можеш да ми ја покачиш платата за 10.000 денари, останувам“ – реченица што веројатно секој директор, сопственик на фирма или раководител ја слушнал барем еднаш. Од другата страна на масата седи човек што гледа во својата сметка и прави сосема логична математика. Земам толку, киријата ми е толку, маркетот ми е толку, горивото ми е толку. Ако друга фирма ми нуди десет илјади повеќе, зошто би останал? Од страната на работодавачот, пак, истите тие 10.000 денари никогаш не се само 10.000. И тука почнува една од оние вечни расправии во македонските фирми во кои, интересно, и двете страни можат да имаат право.

Најновата Анкета за цената на трудот на Државниот завод за статистика дава добра претстава колку навистина чини работната сила. Во 2024 година просечниот годишен трошок на работодавачот по вработен изнесувал 788.066 денари. Кога чисто математички ќе се подели на 12 месеци, тоа се околу 65.672 денари месечно по вработен. Ова не е исто што и нето-плата, ниту треба да се споредува еден спрема еден со сумата што човекот ја гледа на својата трансакциска сметка. ДЗС тука ја мери цената на трудот од перспектива на работодавачот, односно платите и останатите трошоци што фирмата ги има за вработените. За обработката се користени и административни податоци од УЈП и Агенцијата за вработување.

И тука доаѓа бројката што ни го привлече вниманието. Просечниот вработен во Македонија во 2024 година фактички одработил 1.752 часа, а просечниот трошок за работодавачот за еден таков одработен час бил 450 денари. Ако некој работи класичен осумчасовен ден, тоа би бил трошок од околу 3.600 денари за осум фактички одработени часа. Не приход што работникот го носи на фирмата, не негова дневница и не сумата што ја зема дома, туку просечна статистичка цена на трудот за работодавачот.

Но Македонија всушност нема една цена на работник.

Истиот човек на хартија е „еден вработен“, ама зависно од индустријата зад него стои сосема друга економија. Во информациите и комуникациите просечниот годишен трошок по вработен достигнува 1.453.846 денари, или нешто над 118 илјади денари месечно ако годишната сума ја поделиме на дванаесет. Во финансиските и осигурителните дејности годишниот просек е 1.101.922 денари, во енергетиката 1.116.070, а во стручните, научните и техничките дејности 962.012 денари. На другиот крај е угостителството и сместувањето со 565.491 денар годишно, односно околу 47 илјади денари месечно според истата проста пресметка.

Разликата меѓу ИТ и угостителството е огромна. Еден просечен вработен во секторот информации и комуникации го чинел работодавачот околу 888 илјади денари повеќе годишно од просечниот вработен во сместување и храна. Тоа е околу 2,6 пати поголем годишен трошок. Ова, секако, не значи дека ИТ-работникот „вреди“ 2,6 пати повеќе, ниту дека угостителскиот работник создава 2,6 пати помала вредност. Податоците мерат трошоци за труд во различни сектори со различни плати, профили на работни места, квалификации и деловни модели.

И баш тука се гледа зошто разговорот за плата толку лесно оди во погрешна насока.

Вработениот природно размислува во нето. Него го интересира што ќе му легне на сметка. Работодавачот размислува во вкупен трошок, затоа што на крајот на месецот треба да ја затвори целата пресметка. А потоа доаѓа и третата бројка што често ја забораваме – колкава вредност создава тој човек за фирмата. Ако еден вработен годишно ја чини компанијата 788 илјади денари, за неговото работно место да има економска логика фирмата мора преку неговата работа, директно или индиректно, да создава доволно вредност за да ги покрие не само тие трошоци, туку и киријата, струјата, опремата, софтверот, администрацијата, продажбата, даноците, ризикот и на крајот профитот. Колку точно треба да создаде не може да се извади од оваа статистика, бидејќи тоа е различно од бизнис до бизнис.

Затоа и она старото „газдата мене ме плаќа 50.000, а на мене заработува 150.000“ понекогаш може да биде точно, понекогаш целосно погрешно, а најчесто е многу покомплицирано. Приходот што го создава работникот не е исто што и профитот што останува од него. Од друга страна, ни аргументот „многу ме чини работникот“ сам по себе не кажува дали платата е добра или лоша. Вработениот продава труд, фирмата го купува, а меѓу двете страни мора да постои сметка што ќе им има смисла на двајцата.

Интересно е што денес веќе ја знаеме и поновата страна од равенката. Просечната нето-плата во јули 2026 година достигна 48.499 денари, а бруто-платата 72.935 денари. Тоа се податоци од друг период и не треба директно да ги мешаме со Анкетата за цената на трудот од 2024 година, но покажуваат колку брзо се менува пазарот, поточно нето-платата во јули е 7,1% повисока од една година претходно.

Следниот пат кога некој вработен ќе рече дека заслужува уште 10.000 денари, можеби најдобриот разговор не е „многу е“ или „малку е“. Подобриот разговор е што човекот носи на маса, колку компанијата може да плати и дали тие две бројки сè уште се среќаваат. Бидејќи платата што ја гледа работникот и цената што ја гледа работодавачот никогаш не биле иста бројка.

Автор: Бранко Стојкоски

ТРЕНДИНГ

НАЈНОВИ ВЕСТИ