„Ќе фатам такси“ е реченица што ја кажуваме без многу размислување. До работа кога сме доцниме, навечер кога нема автобус, до аеродром, до лекар, кога врне дожд, со две кеси од маркет, за излегување на пијачка или едноставно кога не ни се бара паркинг.
Но кога сите тие кратки возења ќе се соберат на едно место, излегува бројка што навистина звучи неверојатно.
Во Македонија во текот на 2025 година со такси биле превезени 18.449.000 патници, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Од нив, дури 16.964.000 биле во градски и приградски превоз, а уште 1.485.000 во меѓуградски.
За земја со проценети 1.819.074 жители, тоа математички излегува нешто повеќе од 10 такси-патувања по жител годишно. Секако, ова не значи дека секој Македонец се качил десетпати во такси. Некој не користел ниту еднаш, некој го користи секој ден, а статистиката брои превезени патници, не различни лица. Но токму споредбата покажува колку голем всушност станал овој вид превоз.
Една година претходно, во 2024 година, такси-превозот имал 15.838.000 патници. За само една година бројот пораснал за околу 2,61 милиони, односно за приближно 16,5% според нашата пресметка од официјалните податоци.
Не расте само бројот на патници. Во 2024 година во статистиката биле опфатени 1.698 такси-возила, а во 2025 веќе 1.982. Изминатите километри се зголемиле од 51,25 на 60,16 милиони километри. Тоа се речиси девет милиони дополнителни километри за една година.
Додека таксито расте, автобусите губат патници
Во сите четири квартали од 2025 година ДЗС регистрирал годишен пад на бројот на патници во автобускиот патен превоз, -8,6% во првиот, -6,3% во вториот, -6,4% во третиот и -8,5% во четвртиот квартал. Трендот продолжи и годинава, во првиот квартал бројот падна уште 5%, а во вториот за 7,9%.
Не можеме од овие податоци да кажеме дека луѓето што излегле од автобус директно се качиле во такси. ДЗС не следи такво префрлање на патниците и тоа би било погрешен заклучок.
Но можеме да поставиме едно многу добро прашање, а тоа е зошто во период кога автобускиот превоз губи патници, такси-превозот оди во спротивна насока?
Причините веројатно не се исти за сите. Некому му е поважно времето отколку цената. Некој работи до доцна. Некој нема директна автобуска линија. Некој дели такси со уште две лица. Некој нема автомобил, а некому едноставно му е полесно да повика возило отколку да размислува каде ќе паркира.
Статистиката не ни кажува која од овие причини е најважна, па не треба да ѝ припишуваме одговор што го нема, но 18,4 милиони патници веќе не изгледаат како мала транспортна ниша.
А има уште една бројка што одлично ја доловува големината, поточно такси-возилата во земјава во една година поминале 60.158.000 километри.
Тоа е просечно околу 165.000 километри дневно, ако годишниот износ едноставно го поделиме на 365 дена.
И можеби следниот пат кога ќе кажеме „ај со такси, блиску е“, вреди да се сетиме дека не сме единствените.
Кога милиони такви мали одлуки ќе се соберат на крајот од годината, добиваме 18,4 милиони патници и повеќе од 60 милиони извозени километри. А тоа веќе кажува нешто за начинот на кој се движиме низ македонските градови.
Автор: Бранко Стојкоски



