Кога ќе кажеме „македонско земјоделство“, звучи како една голема целина. Ниви во Пелагонија, пластеници во Струмичко, лозја во Тиквешијата, ориз во Кочанско, овошје во Преспа. Но кога сето тоа ќе се претвори во пари, картата на Македонија воопшто не изгледа рамномерно.
Последните регионални податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека Југоисточниот регион сам учествувал со 31,6% во создавањето на бруто-додадената вредност во земјоделството во 2023 година. Практично, речиси секој трет денар од земјоделската додадена вредност се создавал во еден од осумте статистички региони во државата.
А уште поинтересно е што само една година претходно сликата била поинаква.
Во 2022 година прва била Пелагонија со 31,2%, додека Југоисточниот регион учествувал со 28,4%. Кај растителното производство, пак, Југоистокот уште тогаш бил убедливо напред со 30,5%, додека Пелагонија била најсилна кај добиточното производство со 23,7%.
Тоа можеби изгледа како обична статистика, ама зад бројките стојат две различни земјоделски Македонији.
Едната е околу Струмица, Гевгелија, Валандово и Радовиш – зеленчук, овошје, пластеници, рано производство и производи кај кои на еден хектар може да се создаде релативно висока вредност. Другата е Пелагонија – големи земјоделски површини, житни култури, млеко и сточарство.
„Од страна кога ќе видиш две ниви од по еден хектар, си велиш хектар е хектар. Ама едниот може да извади пченица, другиот домати во пластеник. На крајот од годината тие два хектари немаат ни приближно иста сметка“, вели за Денар Горан, земјоделец од Пелагонија.
Токму тука е финтата со овие податоци. Колку земја обработува еден регион не е исто што и колкава економска вредност создава. Важни се културата што се произведува, приносот, цената, интензитетот на производството, сточарството и целата структура на земјоделската економија. ДЗС, всушност, при изработката на земјоделските економски сметки ја користи логиката „количество × цена“, заедно со податоци од статистичките истражувања, Централниот регистар и исплатената финансиска помош.
Сумите воопшто не се мали. Бруто-додадената вредност на земјоделството според економските сметки изнесува 54,6 милијарди денари, односно околу 887 милиони евра ако само за ориентација се пресмета со курс од 61,5 денари за евро. Само во вториот квартал од оваа година откупот и продажбата на земјоделски производи изнесувале 3,7 милијарди денари.
Но регионалната концентрација отвора и друго прашање. Што се случува со целото македонско земјоделство ако една година е лоша токму во регионите што носат најголем дел од вредноста?
Суша, град, болест кај растенијата, недостиг на вода или голем ценовен удар кај една важна култура, тогаш не е само проблем на неколку села. Ако голем дел од производството е концентриран географски, локалниот проблем полесно станува национален економски проблем.
Од друга страна, концентрацијата покажува и каде веќе постои знаење, инфраструктура, традиција и специјализација што може дополнително да создава вредност.
Затоа можеби следниот пат кога ќе кажеме дека Македонија е „земјоделска земја“, вреди да додадеме уште едно прашање, а тоа е кој дел од Македонија навистина го создава македонското земјоделство?
Автор: Бранко Стојкоски



