Кога ќе се спомене домашно производство на струја, првата асоцијација кај повеќето луѓе сè уште се големите државни електрани. РЕК Битола, хидроцентралите, ЕСМ. Но бројките од ова лето покажуваат дека енергетската слика во Македонија почнува сериозно да се менува и тоа можеби побрзо отколку што забележуваме.
Во јули во земјава биле продадени 440 GWh електрична енергија за нето-потрошувачка, додека трансакциите од сопствено домашно производство изнесувале 461 GWh. Според МЕМО, учеството на домашното производство во однос на нето-потрошувачката во тој месец изнесувало 100 проценти.
Уште поинтересно е што приказната продолжила и во август. Нето-потрошувачката се зголемила на 484 GWh, а трансакциите од сопствено производство достигнале 519 GWh. И повторно, МЕМО наведува учество на домашното производство од 100 проценти во однос на нето-потрошувачката.
Тоа не значи дека Македонија два месеци буквално не увезла ниту еден киловат-час. Електроенергетскиот пазар функционира со паралелни увозни, извозни и трговски трансакции, па „100% домашно производство во однос на нето-потрошувачката“ не треба да се меша со целосно отсуство на увоз. Но покажува нешто важно – количината произведена дома била доволно голема за да ја покрие нето-потрошувачката на земјата во тие месеци.
А најинтересното не е ни тие 100 проценти
Во јули ЕСМ учествувал со 206 GWh, или 44,7% од трансакциите од домашно производство. Агрегаторите учествувале со 155 GWh или 33,6%, независните производители со 71 GWh или 15,4%, а производителите со повластена тарифа со 29 GWh или 6,3%.
Само еден месец подоцна сликата дополнително се менува.
Во август ЕСМ произвел 209 GWh и останал најголем поединечен сегмент, но неговото учество се намалило на 40,3%. Агрегаторите учествувале со 157 GWh, а независните производители скокнале на дури 135 GWh, односно 26,1% од домашното производство евидентирано во овие трансакции.
Од 461 GWh домашно производство во јули, на ЕСМ отпаѓале 206 GWh. Во август од 519 GWh на 209 GWh.
Со други зборови, производството на ЕСМ меѓу двата месеца практично останало на слично ниво, додека вкупното домашно производство пораснало за 58 GWh. Најголемата промена е кај независните производители, од 71 на 135 GWh, што е раст од околу 90% за само еден месец. Ова е наша пресметка врз основа на објавените податоци на МЕМО и не треба да се толкува како годишна стапка на раст или како траен тренд, бидејќи јули и август можат значително да се разликуваат поради сонце, вода, производство и пазарни услови.
Македонскиот електроенергетски систем веќе не е приказна во која практично целото домашно производство се сведува на неколку големи електрани. Во системот има независни производители, агрегатори, фотоволтаици и други обновливи извори, а нивното учество станува доволно големо за да се гледа и во националните бројки.
Тоа се гледа и од друг податок. Во јуни, според ДЗС, 67,8% од бруто-домашното производство на електрична енергија дошло од обновливи извори. Во истиот месец биле произведени 408.045 MWh, што претставувало 91,3% од бруто-домашната потрошувачка.
А промената почнува да се гледа и на берзата. Во јули на македонскиот пазар „ден однапред“ биле истргувани 150.360,8 MWh, по просечна цена од 105,83 евра/MWh. Во август обемот достигнал рекордни 199.698,9 MWh. Тоа е приближно една третина повеќе истргувана енергија за само еден месец.
Сето ова не значи дека Македонија одеднаш станала енергетски независна. Производството од сонце и вода варира, зимските месеци се сосема друга приказна, а системот мора да функционира секој час од денот, не само кога има сонце или поволна хидрологија.
Но бројките од летово отвораат едно многу поинтересно прашање од вообичаеното „колку струја увезуваме“.
Што ако најголемата промена во македонската енергетика веќе се случува, само што наместо една нова огромна електрана ја прават стотици помали производители?
Автор: Бранко Стојкоски



