Светскиот долг во првата половина од годинава се зголемил за околу 10 трилиони долари и надминал 365 трилиони долари, покажува анализа на Институтот за меѓународни финансии (IIF), која ја пренесува „CNBC“.
Државните долгови растат во услови кога приносите на среднорочните и долгорочните државни обврзници издадени од некои од најголемите светски економии достигнаа највисоки нивоа во повеќе од една деценија. Тоа се однесува и на САД, Јапонија, Франција и Велика Британија.
Растот на приносите, според анализата, го одразува зголеменото незадоволство и загриженост кај инвеститорите поради повисоките каматни стапки, продолжениот притисок врз цените на енергенсите, слабиот економски раст и високите државни расходи.
Од „IIF“ посебно ги издвојуваат четирите големи економии, кои се соочуваат со „трајно високи дефицити и зголемени трошоци за камати“ – проблеми кои долго време се поврзуваат со земјите во развој што се борат со високата задолженост.
Каматите чинат повеќе од вештачката интелигенција
Институтот со седиште во Вашингтон пресметал дека развиените економии минатата година платиле 3,3 трилиони долари само за камати на државни обврзници со кои се тргува на меѓународните пазари.
Сумата е поголема од глобалните трошоци за вештачка интелигенција, кои изнесувале 2,6 трилиони долари, но и од глобалните трошоци за одбрана од 3,1 трилиони долари и за чиста енергија од 2,3 трилиони долари.
Од „IIF“ предупредуваат дека долгот станува и политичко прашање, создавајќи „маѓепсан круг меѓу изборите за краткорочни и брзи решенија и долгорочната ранливост“, бидејќи придобивките од дополнителното задолжување со текот на времето се намалуваат.
„Со растот на основните каматни стапки, ќе се зголемуваат и трошоците за камати, додека структурниот притисок од трошоците за здравство и пензии во голема мера останува нерешен“, наведува институтот.
ОЕЦД бара намалување и прераспределба на расходите
Во своите најнови економски прогнози, објавени во средата, Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) оцени дека растот на приносите на државните обврзници ја покажува потребата од поголеми напори за „ограничување и прераспределба на државните расходи, подобрување на ефикасноста на јавниот сектор и зголемување на приходите“.
Од ОЕЦД предупредуваат дека се потребни реформи за да се обезбеди долгорочна одржливост на јавниот долг и да им се овозможи на владите да реагираат на идни економски проблеми.
Георгиева: Долгот расте како скалила што нѐ водат кон рајот
Во меѓувреме, генералната директорка на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристалина Георгиева, во интервју за Би-би-си оваа недела предупреди дека потресите во светската економија го „туркаат нивото на долгот нагоре како скалила што нѐ водат кон рајот“.
Таа истовремено ги критикуваше владите поради недоволните мерки за справување со растечката задолженост.
„Треба да се направат овие две работи – нивото на долгот да се намали, фискалната консолидација да стане приоритет и да се осигури дека централните банки ќе го исполнат својот мандат за ценовна стабилност“, истакна Георгиева.
Таа порача дека владите мора да преземат тешки политички одлуки доколку сакаат да ја спречат понатамошната акумулација на долгови.
„Не можам доволно силно да нагласам колку е важно да се осмелиме да ги преземеме неопходните чекори. Тоа се политички тешки чекори, но мора да бидат преземени“, додаде Георгиева.



