Руската влада за следните три години прогнозира буџетски дефицит од 2 отсто од бруто домашниот производ (БДП) и предлага серија даночни зголемувања со цел да ги финансира воените трошоци, покажуваат документите на Министерството за финансии.
„Планираните средства ќе овозможат опремување на вооружените сили со потребното оружје и воена техника, модернизација на одбранбените претпријатија и исплата на парични надоместоци на воениот персонал“, соопшти Министерството за финансии.
Русија ќе воведе данок на зголемените профити на клучните производители на суровини, како и други даночни мерки за да го ограничи буџетскиот дефицит, објавува „Bloomberg“.
Министерството за финансии предлага дополнителен данок на повисоките приходи од продажбата на злато, одредени основни метали и ѓубрива, поради растот на глобалните цени на суровините. Според предлогот, приходите од продажбата на злато би се оданочувале со стапка од 20 отсто, додека некои други рударски компании и производители на ѓубрива би плаќале данок од 30 отсто.
Планираните буџетски расходи ќе опфатат набавка на оружје и воена опрема, модернизација на капацитетите во одбранбениот сектор, исплата на воениот персонал и финансиска поддршка за семејствата на припадниците на вооружените сили, се наведува во соопштението.
Русија е втор најголем производител на злато во светот, водечки извозник на вештачки ѓубрива и еден од клучните снабдувачи со низа основни метали. Земјата има корист од зголемените цени на повеќето од овие суровини.
Цената на златото во јануари достигна рекордно ниво од над 5.300 долари за унца. Иако оттогаш се намали, таа и натаму останува висока. Бакарот, пак, се тргува во близина на историски рекордни нивоа, над 14.000 долари за тон, додека цените на повеќе други основни метали исто така остануваат високи.
На пазарот на ѓубрива, цените беа поддржани од војната во Иран, која на крајот доведе до затворање на Ормускиот теснец и ги зголеми стравувањата за глобалното снабдување.
Затегнувањето на фискалната политика би можело да ѝ даде дополнителен простор на Руската централна банка за намалување на каматните стапки. Високото ниво на државни расходи придонесе за забавување на темпото на намалување на каматите во текот на оваа година.
Рускиот министер за финансии Антон Силуанов претходно изјави дека Министерството за финансии координира со централната банка за ажурирање на буџетските параметри и дека буџетската политика ќе создаде простор за олеснување на монетарната политика.
Предвиденото затегнување на буџетската политика ќе започне од многу понеповолна позиција од онаа што ја предвидуваше актуелниот буџет. Минатата година владата прогнозираше дефицит од само 1,2 отсто од БДП за 2026-та година, но високите трошоци поврзани со војната и послабите приходи од енергетските ресурси ја направија оваа цел недостижна.
Буџетскиот дефицит достигна околу 2,5 отсто од БДП во периодот јануари-август.
Министерството за финансии ќе го намали и прагот на цената на нафтата врз основа на кој се определува кога вишокот приходи од енергетскиот сектор се издвојува во државните резерви. Прагот ќе биде намален од 58 на 50 долари за барел.
Силуанов претходно изјави дека прагот од 50 долари ќе остане во сила во текот на целиот тригодишен буџетски период.
Според него, новиот праг треба да ја намали ранливоста на јавните финансии на промените на цените на суровините и да го намали ризикот од повлекување средства од резервите во периоди кога цената на нафтата паѓа.
Министерството за финансии предлага и проширување на даночните стапки за приходите од капитал и други пасивни приходи. Тие би се движеле од 13 до 22 отсто, во споредба со сегашниот опсег од 13 до 15 отсто.
Промената би се однесувала на дивиденди и други приходи од акции, камати од банкарски депозити, трансакции со хартии од вредност и дигитални права, приходи од недвижности и продажба на удели, како и приходи од осигурување и подароци.
Мерката би опфатила околу четири милиони луѓе, но не и лицата со ниски приходи или учесниците во војната.
Министерството за финансии предлага и данок од 15 отсто на приходите од инвестициски фондови, како и зголемување на стапката до 35 отсто за дивидендите што им се исплаќаат на странци во врска со замрзнати средства во Русија.
Во меѓувреме, Русија планира во следните три години да потроши околу 240 милијарди рубљи, односно околу 2,8 милијарди долари, за буџетски ставки како машини и беспилотни летала кои ги поддржуваат воените напори, соопшти Министерството за финансии.
Министерството го претстави предлог-буџетот пред владата, која треба да го разгледа до 1-ви октомври, по што документот ќе биде доставен до парламентот.
Потребите во областа на одбраната и безбедноста се стратешки приоритет за новиот буџет, наведува Министерството за финансии.



