Профитот на „Hennes & Mauritz AB“ (H&M) пораснал, откако враќањето на платените царини во САД му помогнало на шведскиот моден трговец да го надомести скромниот раст на продажбата, објавува „Bloomberg“.
Оперативната добивка се зголемила на 6,04 милијарди шведски круни, односно околу 535,5 милиони евра, во трите месеци заклучно со крајот на август, соопшти компанијата во четвртокот. Резултатот е над просечната прогноза на аналитичарите од 5,27 милијарди круни.
Продажбата во третото фискално тримесечје пораснала за само 1 отсто, пресметано во локални валути.
„Резултатите се во согласност со очекувањата, но со намалувањето на можностите за кратење на трошоците и растот на трошоците за стоките, натамошното зголемување на профитот во поголема мера ќе зависи од забрзувањето на растот на приходите“, напишаа аналитичарите на „Jefferies“.
Акциите на компанијата поевтинија за 3,7 отсто на почетокот на тргувањето во Стокхолм, откако „H&M“ предупреди на одредени предизвици во наредните месеци. До четвртокот, акциите веќе беа загубиле повеќе од 10 отсто од вредноста од почетокот на годината.
„H&M“ соопшти дека очекува надворешни фактори да извршат притисок врз трошоците за набавки во четвртото фискално тримесечје. Во исто време, попустите благо ќе се зголемат, бидејќи трговците ги продолжуваат промотивните кампањи пред „Black Friday“.
Трошоците за транспорт веќе се зголемиле во текот на третото тримесечје.
Модните трговци се соочуваат со сложена ситуација, бидејќи потрошувачите, погодени од кризата со трошоците за живот, ги ограничуваат своите купувања. Тоа ги намалува профитните маржи во услови на засилена конкуренција и геополитички тензии.
Сепак, „H&M“ излегува од неколкугодишен период на кратење на трошоците со поефикасна деловна структура. Построгото управување со залихите, помалиот број попусти и пофлексибилниот синџир на снабдување ѝ помагаат на компанијата повторно да ја подобри профитабилноста.
„Подобрувањето е очигледно“, изјави главниот извршен директор на „H&M“, Даниел Ервер, во разговор со аналитичарите.
„Оперативната маржа сега е 9 отсто, во споредба со 7,2 отсто во истиот период минатата година“, додаде тој.



