Работата како дадилка одамна не е само повремено чување дете додека родителите се на работа или излегле навечер. Во Скопје сè почесто се бараат луѓе кои ќе поминуваат шест, осум, па и повеќе часа со децата, а за таков ангажман месечната заработка може да стигне до 30.000, 35.000 денари, па и значително повеќе. Кај повременото чување, пак, цените најчесто се договараат на час.
Актуелните понуди покажуваат прилично голем распон. Дадилки во Скопје нудат услуги за околу 200 до 300 денари на час, додека кај дел од семејствата понудата оди до 450 денари за еден час. Има и огласи со месечна плата од 30.000 или 33.000 денари, а во поединечни случаи за целодневна грижа се нудат и 60.000 денари месечно.
Тоа значи дека дадилка која работи повремено, на пример четири часа дневно и наплаќа 300 денари на час, за 20 работни дена би можела да заработи околу 24.000 денари. Ако истиот тарифник важи за осум часа дневно, математиката стигнува до 48.000 денари месечно. Сепак, во пракса ретко секој ден е целосно пополнет, особено кај дадилките кои работат со повеќе семејства.
Податоците за платите во Македонија покажуваат дека 80 проценти од луѓето кои работат како дадилки заработуваат меѓу околу 24.000 и 38.000 денари месечно. Најплатените десет проценти се над приближно 37.500 денари, а врз сумата влијаат искуството, местото на работа и обемот на обврските.
И токму тука е главната разлика. Не е исто да се чува петгодишно дете два часа попладне и да се преземе целодневна грижа за бебе. Кај вториот случај обврските најчесто вклучуваат хранење, пресоблекување, успивање, прошетки и постојано внимание. Некои родители бараат и подготовка на храна, средување по детето или преземање дополнителни домашни обврски.
Во еден актуелен оглас за чување шестгодишно дете со посебни потреби, на пример, за работно време од 8 до 17 часот била понудена плата од 35.000 денари, со можност дополнителната работа да се плаќа посебно.
Повременото чување може да биде поскапо по час. Една дадилка ја опишува состојбата едноставно:
„Кога им кажувам на некои 300 денари по час за повремено чување, луѓето се фаќаат за глава“.
Од друга страна, токму вакви цени сега можат да се најдат и во активните понуди на пазарот.
Постојат и понуди од околу пет евра на час, а за целоноќно чување во еден актуелен оглас се бараат 100 евра. Тоа веќе е друг тип услуга, наменета главно за родители на кои дадилка им е потребна повремено, навечер, за викенд или со преноќување.
Познавачите на пазарот на труд посочуваат дека кај ваквите услуги цената не ја одредува само бројот на часови. Искуството со мали деца, препораките од претходни семејства, познавањето странски јазик, возачката дозвола и подготвеноста за работа навечер или за викенд можат значително да ја зголемат заработката.
Има и уште една причина зошто услугата има пазар. Во Македонија повеќе од 79.000 деца до шестгодишна возраст не се опфатени со некаква форма на предучилишно образование и грижа, а за исполнување на националната цел до 2032 година се потребни околу 19.000 дополнителни места.
За дел од семејствата затоа дадилката не е луксуз, туку решение за периодот меѓу работното време на родителите и можностите што ги нудат градинките. А за луѓето кои знаат да работат со деца, имаат искуство и добри препораки, ова веќе може да биде и солидно платена работа, а не само повремен ангажман.
Б.З.М.



