Купување стан во Скопје веќе одамна не почнува со прашањето „која населба ти се допаѓа“, туку со многу попрактичното: колку пари имаш? Бидејќи квадратот продолжува да оди нагоре, а за стан од шеесетина квадрати во главниот град денес лесно се стигнува до сума од над 120.000 евра.
Според податоците од активните огласи на македонскиот пазар, просечната барана цена во Скопје во септември достигнува околу 2.158 евра за квадратен метар. Со проста математика, стан од 60 квадрати излегува околу 129.500 евра. И тоа е просек. Добрата локација, новата зграда, паркингот и катот лесно ја туркаат сумата уште нагоре.
Дека цените не мируваат покажуваат и податоците за вториот квартал од годинава. Индексот на цените на становите во Скопје пораснал за 5,5 проценти за само три месеци, а на годишно ниво растот изнесува 13,3 проценти.
Но тука има една важна разлика. Огласена цена не значи и цена по која станот навистина е продаден.
Податоците од Регистарот на цени и закупнини покажуваат дека во првата половина од годинава просечната цена за квадрат во стара градба во Центар изнесувала 1.547 евра. Во Аеродром била 1.532 евра, а во Карпош 1.523 евра. Кај становите што се продаваат директно од инвеститори, просекот во Центар бил 1.712 евра за квадрат.
Од друга страна, има трансакции што далеку отскокнуваат од просекот. Во вториот квартал е регистрирана продажба на нов стан од 50 квадрати во Центар за 168.000 евра. Тоа се 3.360 евра за квадрат.
Особено се бараат помалите станови.
„Без разлика каде се наоѓа, мал стан по пристапна цена нема шанси да се најде“, вели агент за недвижности кој го следи пазарот во Скопје.
Според него, најголем интерес има за станови од 35 до 60 квадратни метри.
„Продажбата кај овие станови е навистина брза, а цената тешко се преговара“, додава тој.
А како стоиме со соседите?
Меѓународните податоци за вториот квартал од 2026 година покажуваат дека Скопје, зависно од методологијата и типот на стан што се следи, е околу 1.830 евра за квадрат. Во Сараево просекот за нови станови е околу 2.200 евра, во Подгорица околу 2.395 евра, во Софија околу 2.680, додека Белград веќе е над 3.100 евра за квадрат.
Тоа значи дека стан од 60 квадрати, пресметано само според овие просечни цени, во Сараево би бил околу 132.000 евра, во Подгорица околу 144.000, а во Белград околу 190.000 евра.
Во дел од Европската Унија разликата станува уште поголема.
Во Букурешт квадратот е околу 2.235 евра, што го става романскиот главен град релативно блиску до цените во регионот. Во Загреб цените на новите и поскапите недвижности се движат околу 3.600 до 3.700 евра за квадрат, додека Љубљана стигнува до околу 5.050 евра кај становите од секундарниот пазар.
А Виена е сосема друга лига. Таму просечната цена според последните достапни податоци е околу 7.965 евра за квадрат. Стан од 60 квадрати, грубо пресметано, би чинел речиси 478.000 евра.
Сепак, познавачите предупредуваат дека голите цени по квадрат не ја кажуваат целата приказна. Методологијата се разликува од град до град, некаде се мерат реализирани продажби, некаде огласени цени, а некаде само новоградби или станови во одредени зони.
За скопскиот купувач, сепак, математиката е многу поедноставна. Стан од 50 или 60 квадрати што до пред неколку години се сметаше за стандардна семејна недвижност, сега сè почесто бара шестцифрена сума во евра.
Б.З.М.



