Да имаш нешто пари на страна е добра мака. Полошо е кога тие со месеци стојат на трансакциска сметка или во плик дома, а сопственикот никако да пресече што да прави со нив. Да ги орочи, да купи нешто, да вложи во стан, фонд, акции, сопствен бизнис или едноставно да ги остави за црни денови?
Оваа дилема ја имаат сè повеќе македонски домаќинства, особено оние што успеале да соберат заштеда која веќе не е само резерва за регистрација на автомобил или летување. Изборот денес е поголем. Покрај класичното банкарско штедење и недвижностите, на домашниот пазар функционираат и повеќе инвестициски фондови со различни стратегии и нивоа на ризик.
Економистите прво советуваат едно: пред да се бара заработка, треба да се знае колку од парите навистина можат да се тргнат настрана.
Не е исто човек да има 5.000 евра што ќе му бидат потребни за шест месеци и 5.000 евра што може да ги заборави пет или десет години. Во првиот случај најважна е достапноста на парите. Во вториот веќе може да се размислува за вложување со подолг рок.
„Во услови на инфлација, парите што стојат губат вредност“, предупредува финансиски аналитичар, посочувајќи дека готовината носи сигурност, но не и принос.
Сепак, тоа не значи дека граѓанинот треба веднаш да ја земе целата заштеда и да ја вложи во првата инвестиција што му ја понудил некој пријател на кафе.
Познавачите на финансискиот пазар велат дека резервата за непредвидени трошоци треба да остане лесно достапна. Расипан автомобил, стоматолог, поправка дома или неочекуван период без работа не прашуваат дали парите ви се врзани во некаква инвестиција.
Токму затоа финансиската писменост станува сè поважна. Од Народната банка посочуваат дека доброто управување со личните финансии подразбира „планирање на буџетот, рационално трошење, планирање на финансиските средства за идни потреби“ и разбирање на основите на штедењето и инвестирањето.
За поконзервативните граѓани, банкарскиот депозит останува една од наједноставните опции. Нема секој желба секојдневно да следи берзи, цени на акции и движења на светските пазари. Но и кај депозитите економистите советуваат да се споредат понудите на различни банки, каматните стапки, роковите и условите за предвремено повлекување на парите. Народната банка дури има и алатки преку кои граѓаните можат да ги споредуваат основните услови за депозити.
Други гледаат кон недвижности. Станот со години е омилена инвестиција кај Македонците. Логиката е едноставна: имотот останува, може да се издава, а подоцна и да се продаде. Но за оваа инвестиција е потребна значително поголема сума, а парите не можат секогаш брзо да се извадат ако затребаат.
Паралелно расте интересот и за инвестициските фондови. Финансиските познавачи забележуваат дека „позитивни се трендовите, расте интересот за вложување, барем за инвестициски фондови“. Сепак, повисокиот можен принос оди заедно со ризикот, па вредноста на вложувањето може и да расте и да падне.
И тука важи старото правило: не вложувај пари во нешто што воопшто не го разбираш.
За некого тоа ќе биде фонд. За друг мал семеен бизнис, земјоделство, опрема со која ќе заработува или дополнително образование што ќе му донесе повисока плата.
На крајот, парите не мора по секоја цена да се „оплодат“. Понекогаш најпаметниот потег е прво да се затвори скап долг, да се направи финансиска резерва и дури потоа да се мисли на инвестиција. Бидејќи добрата инвестиција не почнува со прашањето каде има најголема заработка, туку со многу попросто прашање: кога ќе ми затребаат овие пари и колку ризик можам да поднесам?
Б.З.М.



