Органски домат, јаболко, мед или житарки можат да се продадат поскапо од обичните, но патот од нивата до повисоката цена воопшто не е евтин. За македонските земјоделци органското производство може да биде добра сметка, особено на помали површини и со сигурен купувач, но без организиран пласман лесно може да се случи производ што е одгледуван по поскапи правила на крај да се продаде како обичен.
Бројките покажуваат дека интересот расте. Во Македонија во 2025 година имало 931 производител што се занимавал со органско земјоделство, а обработливите површини достигнале 5.145 хектари. Тоа е раст од 24,6 проценти за само една година. Речиси половина од површините, односно 2.444 хектари, биле под житни култури.
Но, поголема површина не значи автоматски и поголема заработка.
Органското производство бара повеќе работа, повеќе контроли и поголема дисциплина. Не е доволно земјоделецот едноставно да престане да користи одредени препарати и следното утро да напише „органско“ на гајбата. Потребни се контрола, документација, следливост на производството и сертификат. Во Македонија во моментов има три овластени сертификациски тела за оваа област.
„Да се биде органски производител е скапа и тешка мисија“, вели еден производител од Пелагонија, посочувајќи дека трошоците почнуваат уште од набавката на соодветен семенски материјал и природни ѓубрива, а продолжуваат со контролите и сертификацијата.
Органскиот производ може да постигне повисока цена, но и производството чини повеќе. Има повеќе рачна работа, помал избор на средства за заштита, а кај дел од културите и приносите можат да бидат пониски. Затоа, според аграрните познавачи, најважно е земјоделецот уште пред садењето да знае кому ќе продава.
Проблемот е што домашниот пазар сè уште не може секогаш да ја плати разликата.
„Најголем дел од производството е за извоз. Кај нас не се цени органскиот производ. На пазар ако го однесеш, цената му доаѓа иста“, вели македонски производител со долгогодишно искуство во овој бизнис.
Тоа е можеби и најголемиот ризик. Земјоделецот троши повеќе за да произведе според органски стандарди, а ако нема договорен откуп, може да биде принуден производот да го продаде по цена блиска до онаа на конвенционалното производство.
Слични проблеми пријавуваат и производители на органско овошје.
„Нашите производи како органски многу тешко наоѓаат пласман и во државата и надвор“, велат производители, посочувајќи дека поради недоволно развиена продажна и маркетиншка мрежа дел од сертифицираната органска стока завршува на пазарот како конвенционална.
Од друга страна, државната поддршка постои. За 2026 година е донесена посебна програма за финансиска поддршка на органското земјоделско производство, а само во август годинава биле исплатени околу 15,4 милиони денари на корисници за сертификација, анализа на почва, трговија, преработка и органски насади по претходната програма.
Економистите и аграрните познавачи затоа не ја гледаат органската храна како бизнис во кој е доволно да имаш нива и добра волја. Најдобра сметка има кога производителот има јасен производ, обезбеден пласман, можност за директна продажба или извоз и, уште подобро, сопствена преработка.
Инаку може да се случи најскапиот домат за производство на крај да заврши во истата гајба со сите други. А тогаш математиката е едноставна. И непријатна.
Б.З.М.



