ПочетнаЕКОНОМИЈАСВЕТЕвропската економија годинава загубила 113 милијарди евра поради екстремните горештини

Европската економија годинава загубила 113 милијарди евра поради екстремните горештини

Европската економија годинава загубила приближно 113 милијарди евра поради екстремните летни горештини, кои негативно влијаеле врз продуктивноста и економската активност, покажува анализа на германската осигурителна компанија „Allianz“, која ја пренесува ДПА.

Најголеми се очекуваните загуби во Италија – 28 милијарди евра, по што следува Германија со 25 милијарди евра. На третото место е Франција, каде што штетите за бруто-домашниот производ (БДП) се проценуваат на 20 милијарди евра.

Во пресметките се опфатени намалувањето на производството и економската активност како последица на пониската продуктивност на трудот, подолгите паузи и отсуствата од работа во периодите на екстремни горештини.

За Европа во целина се очекува влијанието да изнесува нешто помалку од 0,5 отсто од прогнозираниот економски обем за оваа година.

Проценките се дел од новиот систем на „Allianz“ за следење на климатските ризици, „Climate Risk Tracker“, кој ги комбинира податоците за временските услови и предизвиканите штети со моделирање на очекуваните економски последици.

Одделно, „Allianz“ ги проценува на околу 50 милијарди евра штетите во Германија предизвикани од бури, поплави и други природни катастрофи во последните пет години.

Според податоците на „Allianz“, просечните годишни загуби во Германија биле двапати поголеми во споредба со периодот од 2000-та до 2019-та година, додека загубите од природни катастрофи на глобално ниво се зголемиле за 54 отсто.

„Германија е особено тешко погодена од штетите поврзани со климатските промени“, изјави Франк Зомерфелд, раководител на „Allianz Versicherung“, кој управува со бизнисот за осигурување на имот во Германија.

Осигурителната компанија предупреди и на дополнителни економски ризици во текот на следната година поради временскиот феномен Ел Нињо.

Доколку 2027-ма година се покаже како уште една исклучително топла година поради Ел Нињо, економското производство во 144-те анализирани држави би можело вкупно да се намали за 392 милијарди евра, при што се очекува најголеми загуби да претрпи Кина.

ТРЕНДИНГ

НАЈНОВИ ВЕСТИ