Глобалниот недостиг на дизел гориво, поттикнат од војните во Иран и Украина, веројатно нема да се намали пред следната година. На тоа укажуваат показателите од пазарот за складирање горива и прогнозите на претставници на индустријата.
Ситуацијата го продолжува растот на трошоците за гориво, кој врши притисок врз економиите ширум светот, пишува „Reuters“.
Војните сериозно ги нарушија испораките на дизел, блокирајќи милиони барели гориво на Блискиот Исток и во Русија, доведувајќи ги залихите до историски ниски нивоа и туркајќи ги цените кон рекордни вредности. Недостигот ја оптоварува економската активност бидејќи дизелот има широка примена во земјоделството, производството и тешкиот транспорт.
Во САД, малопродажните цени на дизелот овој месец за првпат ја надминаа границата од 6 долари за галон. Тоа создава дополнителен притисок врз земјоделците и транспортните компании и ги зголемува стравувањата за позициите на Републиканската партија на американскиот претседател Доналд Трамп пред ноемвриските избори за Конгресот.
Изнајмувањето складишта укажува на намалена понуда
Друг показател за продолжената ограничена понуда доаѓа од пазарот за складирање горива. Рафинериите и трговците во Северна Америка одбиваат да ги обноват договорите за изнајмување складишта за дизел бидејќи нема доволно гориво за складирање, покажуваат податоците на брокерот за складишни капацитети „The Tank Tiger“.
Слободниот капацитет за складирање дизел во Северна Америка и на Карибите, кои се важен трговски центар, се зголемил на четиригодишен максимум од 13 милиони барели во октомври, во однос на 11 милиони барели во јуни, изјави за „Reuters“ главниот оперативен директор на „The Tank Tiger“, Стивен Барсамиан.
Вкупните залихи на дизел во САД се намалиле на 107,9 милиони барели заклучно со 11 септември – најниско ниво за овој период од годината откако се води статистика, односно од 1982-ра година, покажуваат податоците на Американската агенција за енергетски информации (EIA).
Брзото празнење на резервите на дизел од складиштата во САД покажува колку е ограничена понудата на пазарот во последните месеци. Во исто време, зголемената достапност на складишни капацитети за изнајмување покажува колку долго се очекува да трае недостигот, посочува Барсамиан.
Комбинацијата од намалување на залихите и зголемување на достапните складишни капацитети укажува дека учесниците на пазарот очекуваат понудата да остане ограничена најмалку до првиот квартал од следната година. Складишните резервоари обично се изнајмуваат на период од шест месеци до една година.
„Повеќе складишни капацитети се достапни за изнајмување бидејќи никој не сака да ги обнови постојните договори. Зошто би плаќале за складишен резервоар кога нема дизел што би го складирале?“, коментира Барсамиан.
Американската компанија за управување со отпад „EcoBox Dumpsters“ ги ограничува зголемените трошоци за гориво така што, кога е можно, користи помали камиони, ги групира испораките и подигнувањето на отпадот во исто подрачје и ги потврдува распоредите за да избегне непотребни возења.
Глобален проблем
Американската агенција за енергетски информации исто така очекува залихите да останат ниски.
„Прогнозираме дека залихите на дестилатни горива – кои често се продаваат како дизел – во САД ќе паднат под 100 милиони барели во септември и ќе останат под петгодишниот минимум до крајот на 2026-та година и во поголемиот дел од 2027-ма година“, соопшти агенцијата претходно овој месец.
Залихите на дизел во Европа исто така се ниски. Количините во амстердамско-ротердамско-анверпенскиот центар за складирање, рафинирање и трговија се 16 отсто под петгодишниот просек во јули, според најновите достапни податоци на „Insights Global“.
Во Сингапур, вкупните залихи на дестилатни горива во последните неколку недели во просек изнесуваат околу 8,2 милиони барели – слично на нивото пред војната со Иран, но под просекот од 9,6 милиони барели во 2025-та година.
„Различни пазари во развој во Азија се погодени прилично сериозно“, коментира Андреа Пескатори, заменик-раководител на одделот за Азија и Пацифик во Меѓународниот монетарен фонд, за време на Азиско-пацифичката нафтена конференција во Сингапур.
Има одредени знаци на олеснување
Претставниците на индустријата очекуваат глобалните испораки на дизел да останат ограничени во текот на зимата, особено ако тензиите на Блискиот Исток доведат до нови нарушувања на извозот на горива, а руската забрана за извоз на дизел остане во сила до октомври.
Москва планира да ги продолжи ограничувањата за извоз на дизел до крајот на октомври, објави во вторник рускиот деловен весник „Ведомости“.
„Цените на дизелот во САД веројатно ќе продолжат да растат бидејќи купувачите на Источниот брег ги зголемуваат набавките на гориво пред почетокот на грејната сезона“, вели Алекс Ходес, директор за стратегија на енергетските пазари во „StoneX“.
Аналитичарите, сепак, очекуваат рекордно високите рафинериски маржи кај дизелот да го поттикнат зголемувањето на производството, со што би се ограничил растот на цените.
Разликата меѓу цената на американскиот дизел и цената на суровата нафта, позната како „diesel crack spread“, достигнала рекордни 118,62 долари за барел на 14-ти септември. Овој показател ја мери премијата на фјучерсите за ултранискосулфурен дизел во однос на фјучерсите за американската сурова нафта.
Дополнително олеснување би можело да дојде од Кина, која во последните месеци постепено го зголемува извозот на рафинирани горива, посочува енергетскиот економист Филип Верлегер.
Сепак, ескалација на војната со Иран или на конфликтот меѓу Русија и Украина, како и сериозна хаварија во рафинерија, би можеле да предизвикаат нов нагорен скок на цените.



