Швајцарската централна банка ги ублажи намерите за интервенција на девизниот пазар со цел да го ослаби франкот и ги зголеми прогнозите за инфлацијата, но истовремено ги остави каматните стапки непроменети, пренесува „Bloomberg“.
На петтиот последователен квартален состанок, раководството на централната банка, предводено од гувернерот Мартин Шлегел, ја задржа основната каматна стапка на нула – најниско ниво во светот. Од официјалното соопштение е отстранета претходната формулација за „зголемена подготвеност“ за продажба на швајцарската валута, а централната банка оцени дека ценовните услови умерено се промениле.
„Банката е подготвена да биде активна на девизниот пазар кога е потребно, за да обезбеди соодветни монетарни услови“, се наведува во соопштението.
„Инфлациските притисоци на среден рок незначително се зголемија“, додаваат од банката.
Иако промената е ограничена, оваа порака од четвртокот, испратена од Берн, покажува промена во оценката за ценовните услови по значителното слабеење на франкот, кој падна на нивоа пониски од оние забележани пред војната меѓу САД, Израел и Иран. Послабата валута го поскапува увозот, а со тоа придонесува и за забрзување на инфлацијата.
Движењата на пазарите ја одразуваат континуираната политика на Швајцарија да ги одржува трошоците за задолжување на исклучително ниско ниво во време кога големите светски економии – од САД до еврозоната – преминаа кон затегнување на монетарната политика со цел да го ограничат влијанието врз домашната економија од наглото зголемување на трошоците за енергија. Се очекува и Норвешката централна банка во четврток да ги зголеми каматните стапки.
Одлуката на Швајцарската централна банка, поткрепена со инфлација од само 0,8 отсто во август, ја потврдува оваа разлика во монетарната политика најмалку уште еден квартал. Во исто време, централната банка станува повнимателна во однос на потрошувачките цени, откако франкот го достигна најслабото ниво во однос на еврото во последните 17 месеци и најниската вредност во однос на доларот од јуни минатата година.
По одлуката, франкот ослабе за 0,2 отсто во однос на еврото, на 0,9413 франци за едно евро. На почетокот на месецов валутата се тргуваше околу 0,9510 франци за евро – најслабо ниво од април 2025-та година, бидејќи пазарните очекувања дека швајцарските камати ќе останат на нула и во текот на следната година вршат притисок врз франкот.
Промената во формулацијата на централната банка на крајот би можела да создаде основа за идно зголемување на каматните стапки. Пред одлуката, инвеститорите очекуваа зголемување во март – став што го делеше малцинство економисти. Повеќето аналитичари не очекуваат зголемување пред 2028-ма година.
Друг можен пресврт во монетарната политика би можела да биде продажба на средства деноминирани во странска валута со цел зајакнување на франкот и ограничување на увезената инфлација. Таков потег би довел и до намалување на значително зголемениот биланс на централната банка.
Уште во резимето на одлуката од јуни, монетарните власти предупредија на нагорни ризици за инфлацијата. Потоа, инфлацијата во август се забрза до највисокото ниво во речиси две години. Сепак, со 0,8 отсто, таа и натаму цврсто се наоѓа во опсегот од 0 до 2 отсто, кој централната банка го смета за соодветен.
Централната банка ја зголеми прогнозата за потрошувачките цени за целиот прогнозен период и сега очекува инфлација од 0,7 отсто во 2026-та година и по 0,8 отсто во секоја од следните две години.
Додека ценовните притисоци главно се засилуваат поради надворешни фактори, домашната економска динамика е мешана. Од една страна, се очекува сметките за електрична енергија да се намалат. Од друга страна, економскиот раст ги надмина прогнозите, при што производството во вториот квартал се зголемило за 1,5 отсто.
Централната банка очекува швајцарската економија годинава да порасне меѓу 1,5 и 2 отсто, а во 2027-ма година за околу 1,5 отсто. Според неа, развојот на светската економија претставува најголем ризик за економскиот раст.
„Ситуацијата на Блискиот Исток би можела дополнително да се влоши и посилно да ја ограничи глобалната економска активност“, наведуваат претставниците на централната банка.
„Трговската политика и движењата на девизните курсеви и натаму се извори на неизвесност“, додаваат тие.



