ПочетнаЕКОНОМИЈАМАКЕДОНИЈАПоскапе и кафето и ручекот: локалите ја креваат цената

Поскапе и кафето и ручекот: локалите ја креваат цената

Да седнете во ресторан на ручек, да нарачате кафе со пријателите или неколку пијалаци навечер веќе бара малку повнимателно гледање во паричникот. Цените во македонските ресторани, кафеани и кафулиња повторно одат нагоре, а последните официјални податоци покажуваат дека поскапувањето не е само впечаток што гостите го добиваат кога ќе ја побараат сметката.

Во август годинава угостителските услуги во Македонија биле за 3,7 отсто поскапи во споредба со истиот месец во 2025 година. Само за еден месец, од јули до август, цените се зголемиле за дополнителни 0,6 отсто.

Најмногу во август поскапеле пијалаците. И алкохолните и безалкохолните пијалаци забележале раст од по 1,5 отсто во однос на јули. Храната во угостителските објекти поскапела за 0,5 отсто, додека ноќевањата биле повисоки за 0,4 отсто.

Процентите на хартија можеби не изгледаат драматично. Но кога поскапувањата се редат едно по друго, гостите постепено ја чувствуваат разликата. Малку поскапо кафе, неколку десетици денари повеќе за оброк, повисока цена на пијалакот… На крајот, сметката е поголема.

Од јануари до август годинава угостителските услуги се во просек за 3 отсто поскапи отколку во истиот период лани. Во споредба со декември 2025 година, зголемувањето изнесува 1,3 отсто.

Поскапувањето, всушност, трае подолго. Во 2025 година цените во угостителството биле за 4,8 отсто повисоки во споредба со 2024 година. Тоа значи дека новите корекции на менијата доаѓаат врз веќе повисока ценовна основа.

Угостителите објаснуваат дека зад новите цени стојат повисоките трошоци за работа. Храна, месо, сирење, зеленчук, набавки, кирии и работна сила се само дел од ставките што треба да се вкалкулираат во крајната цена што ја плаќа гостинот.

Во дел од туристичките места угостителите летово посочуваа дека корекциите на цените ги прават според растот на набавните трошоци.

„Проблем е куповната моќ на домашните туристи“, велат угостители, посочувајќи дека повисоките цени особено ги чувствуваат домашните гости.

Слична е сликата и кај дел од скопските ресторани. Некои сопственици велат дека локалот може да изгледа полн, а тоа сепак да не значи дека гостите трошат како порано. Дел нарачуваат помалку храна, прескокнуваат дополнителен пијалак или почесто ја проверуваат цената пред да нарачаат.

Економските аналитичари посочуваат уште еден проблем што со години го притиска секторот, недостигот од работници. Дел од угостителите тешко наоѓаат готвачи и келнери, а тоа ја зголемува цената на трудот и дополнително ги притиска трошоците на локалите. Во исто време, дел од рестораните и баровите и покрај повисоките цени продолжуваат да имаат стабилна посетеност.

„Локалот изгледа полн, но сметките се пониски“, велат дел од угостителите за променетото однесување на гостите.

И така, кафеаните не остануваат празни, кафулињата сè уште се место за средба, а рестораните за викенд знаат да бидат пони. Само што излегувањето повеќе не чини како порано.

Тоа најдобро се гледа на крајот. Кога ќе стигне сметката.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

НАЈНОВИ ВЕСТИ