ПочетнаЕКОНОМИЈАСВЕТЕкономски удар за Мелони: Италија останува во канџите на фискалниот надзор на...

Економски удар за Мелони: Италија останува во канџите на фискалниот надзор на ЕУ

Италијанската влада не успеа доволно да го намали буџетскиот дефицит за земјата да излезе од европската постапка за прекумерен дефицит, што претставува неповолен сигнал за премиерката Џорџа Мелони во пресрет на изборите во 2027-ма година.

Италијанскиот национален институт за статистика (ИСТАТ) потврди дека односот меѓу буџетскиот дефицит и БДП во 2025-та година изнесувал 3,1 отсто, односно бил над границата од 3 отсто утврдена со фискалните правила на Европската Унија.

Тоа значи дека Италија останува во постапката за прекумерен дефицит на Европската комисија – механизам со кој Брисел врши притисок врз земјите членки да ги подобрат своите јавни финансии.

Италија е под оваа постапка од 2024-та година, поради што владата мора да спроведува построги фискални мерки за да ги стави под контрола јавните расходи.

Италијанскиот министер за економија и финансии Џанкарло Џорџети изрази жалење поради тоа што земјата нема да успее предвреме да излезе од постапката.

„Ги прифаќаме конечните податоци, не без жалење. За жал, Италија нема да излезе од постапката за прекумерен дефицит веќе оваа година, како што се надевавме, но тоа би можело да се случи во 2027-ма година“, изјави Џорџети.

Конечниот податок на ИСТАТ претставува разочарување за владата на Мелони, особено во пресрет на изборите во 2027-ма година. Владата претходно се надеваше дека ревизијата на податоците ќе го спушти дефицитот под границата од 3 отсто и ќе овозможи порано излегување од европската постапка.

Италијанската економија истовремено се соочува со слаб раст и висок јавен долг. Владините проекции предвидуваат раст од околу 0,6 отсто во 2026-та година, додека односот на јавниот долг кон БДП би можел да се приближи до 139 отсто.

ИСТАТ објави дека јавниот долг на крајот на 2025-та година изнесувал 137,1 отсто од БДП, што е зголемување од 2,4 процентни поени во однос на 2024-та година.

Европската комисија претходно прогнозираше дека дефицитот на Италија ќе падне под 3 отсто во 2026-та и 2027-ма година, но со потврдениот дефицит од 3,1 отсто за 2025-та година, предвременото излегување од постапката веќе не е можно.

За владата на Мелони ова доаѓа во период на дополнителни притисоци врз јавните финансии, вклучително и поради високите трошоци за енергија и зголемените трошоци за сервисирање на долгот. Џорџети неодамна предупреди дека растот на трошоците за камати го намалува просторот за друга јавна потрошувачка.

ТРЕНДИНГ

НАЈНОВИ ВЕСТИ