ПочетнаЕКОНОМИЈАСВЕТММФ: Јавните долгови не се надвор од контрола – но потребна е...

ММФ: Јавните долгови не се надвор од контрола – но потребна е политичка храброст

Развиените економии, вклучително и Велика Британија и САД, мора да го ограничат задолжувањето и да го намалат нивото на јавниот долг по недели на нагло зголемување на трошоците за камати на државните долгови, предупредува извршната директорка на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристалина Георгиева.

Во ексклузивно интервју за Би-би-си, Георгиева изјави дека глобалните економски потреси го зголемиле нивото на задолженост „како по скали, но не кон рајот“, додека владите не презеле „никакви мерки за ограничување на трошоците за сервисирање на долгот“.

„Време е да се преземат тие мерки“, нагласи таа, додавајќи дека на политичарите им е потребна „храброст“ за да ги спроведат неопходните чекори.

Апелот на извршната директорка на ММФ доаѓа во период кога трошоците за државното задолжување нагло се зголемија како последица на војните што го нарушуваат снабдувањето со нафта, што дополнително ги поттикнува инфлациските притисоци.

Повисоките трошоци за задолжување ја погодија и британската влада во пресрет на првиот буџет на британскиот премиер Анди Бурнам следниот месец, што ги засилува шпекулациите за можните даночни и расходни мерки, објави Би-би-си.

Последните податоци покажуваат дека разликата меѓу даночните приходи и државните расходи во Велика Британија во август изнесувала 18,3 милијарди фунти (24,4 милијарди долари), што е речиси една петтина повеќе од истиот период минатата година и над официјалните прогнози.

Во меѓувреме, трошоците за камати на британскиот долг во август достигнале највисоко ниво откако во 1997-ма година започнала да се води месечна статистика.

Повисоките трошоци за задолжување ја погодија и најголемата светска економија – САД, чиј јавен долг надмина 40 трилиони долари. Сумата се удвои во текот на една деценија, што предизвикува загриженост и во земјата и во странство.

Во рамки на Генералното собрание на ОН, Кристалина Георгиева изјави дека пораката на ММФ до развиените економии е дека, иако постојат фактори што се надвор од контролата на владите, тие сепак имаат контрола врз своите домашни политики.

„Постојат две работи што треба да се направат: да се намали нивото на долгот, да се даде приоритет на фискалната консолидација и да се обезбеди централните банки да ги спроведуваат своите политики за ценовна стабилност. Не може доволно да се нагласи колку е важно да се најде храброст за да се преземат чекори. Тоа се политички тешки чекори, но се неопходни“, рече Георгиева.

На конкретно прашање од Би-би-си за повисоките трошоци за камати во Велика Британија во споредба со другите големи економии, таа одговори дека состојбата во земјата „не се разликува многу“ од онаа во останатите развиени економии.

Таа ги посочи „прилично конзистентните мерки“ за намалување на долгот, како и реформите во областа на планирањето и станбената изградба, додавајќи дека развиените економии „немаат достапни средства“ за стимулирање на економскиот раст.

Поради тоа, според Георгиева, тие мора да се потпрат на реформи што ќе го поттикнат приватниот сектор да инвестира.

Меѓу другите фактори што ги зголемуваат приносите на обврзниците е и засилената конкуренција на пазарот на обврзници од страна на технолошките гиганти, кои настојуваат да обезбедат огромни средства за инвестиции во развојот на вештачката интелигенција (ВИ).

Во тој контекст, Георгиева се осврна и на неодамнешните предупредувања дека губењето на сигурна контрола врз ваквите системи би можело да стане потенцијален проблем за финансиската стабилност, покрај веќе високите нивоа на задолженост.

„Ако видиме повеќе случаи во кои вештачката интелигенција почнува да дејствува автономно, тогаш би можеле да се соочиме со значителен ризик за финансиската стабилност“, изјави таа.

Извршната директорка на ММФ ја повтори оценката дека светската економија е погодена од две сили што „дејствуваат во спротивни насоки“ – шокот предизвикан од цените на енергијата и инвестициите во вештачката интелигенција.

Таа нагласи дека е од исклучително значење намалениот извоз на нафта и гас од Персискиот Залив „одржливо да се обнови, за енергетскиот шок да остане во минатото“.

ТРЕНДИНГ

НАЈНОВИ ВЕСТИ