Новиот „AI“ асистент на „Meta“ – „Muse“, го предводи рангирањето на американскиот „App Store“ на „Apple“ и се претвора во неочекуван хит меѓу корисниците. Тоа го привлекува вниманието и на Волстрит.
За разлика од традиционалните чет-ботови, „Muse“ е создаден да извршува задачи што вклучуваат неколку последователни чекори – на пример, да прави резервации, да води телефонски разговори и да испраќа електронска пошта. Огромниот интерес за апликацијата ја зголемува увереноста кај аналитичарите дека „Meta“ може да ја искористи својата широка корисничка база на социјалните мрежи за масовно да наметне апликација и во ерата на „AI“.
„Иако сè уште е рано, сметаме дека ‘Muse’ има потенцијал да стане најшироко користената корисничка ‘AI’ апликација по ‘ChatGPT’“, напиша аналитичарот на „JPMorgan“ Даг Анмут во белешка до инвеститорите, цитирана од „MarketWatch“.
Ова е важен пресврт за „Meta“, чија стратегија за вештачката интелигенција до неодамна наидуваше главно на скептицизам. Од почетокот на септември, сепак, акциите на „Meta“ поскапеле за речиси 30 отсто.
Анмут го издвојува лесниот за користење интерфејс на „Muse“, широките можности на неговата бесплатна верзија и предноста што „Meta“ ја има благодарение на различните социјални платформи преку кои може да стигне до огромен број корисници.
Според аналитичарот, „Meta“ во последно време го забрзала темпото со кое претставува нови „AI“ производи. Тој посочува дека за само неколку месеци моделите на компанијата постигнале значителен напредок во своите можности. Лансирањето на „Muse Spark 1.1“ во јули е првиот случај во кој „Meta“ претставила „AI“ модел со програмерски способности што се приближуваат до оние на најнапредните модели на пазарот.
Во пресрет на претстојната конференција за програмери „Meta Connect“, која ќе се одржи во среда и четврток, Анмут очекува нови информации за напредокот на компанијата во областа на „AI“, како и за можностите „Muse“ да биде интегриран со производите на партнерите и со хардверските уреди на „Meta“.
Едно од главните прашања за инвеститорите е кога ќе биде претставен следниот „AI“ модел на компанијата, со кодно име „Watermelon“. Аналитичарите очекуваат тоа да се случи следниот месец.
Во белешка до инвеститорите во вторникот, аналитичарот на „Jefferies“ Џефри Фавуца предупредува дека зголемениот ентузијазам пред „Meta Connect“ може да доведе до распродажба по самиот настан, особено откако акциите на компанијата во понеделникот скокнаа за 11 отсто. Сепак, според него, претстојното претставување на новиот модел обезбедува постабилна поддршка за цената на акциите.
Во вторникот акциите на „Meta“ поевтинија за 0,6 отсто по нестабилна трговска сесија.
Според Џастин Пост од „Bank of America“, инвеститорите досега се сомневале во способноста на „Meta“ да создаде „AI“ производ кој јасно ќе се разликува од конкурентите. Огромната популарност на „Muse“ и неговата способност да извршува сложени задачи, како што е пополнување веб-формулари, сепак, го засилиле „оптимизмот за потенцијалниот поврат на инвестициите на „Meta“ во „AI““, пишува Пост во коментар, цитиран од „MW“.
Тој забележува дека „Muse“ ги надминува другите „AI“ апликации според вкупниот број преземања во САД во споредлив период по нивното лансирање. Според податоците на „Sensor Tower“, апликацијата достигнала 1,43 милиони преземања во првите 12 дена по дебито, во споредба со 1,37 милиони за „ChatGPT“ на „OpenAI“ и 710.000 за „Gemini“.
Пост, сепак, предупредува дека популарноста на „Muse“ можеби нема веднаш да се претвори во повисоки приходи за „Meta“.
„Малку е веројатно приходите од ‘Muse’, вклучително и од реклами, претплати и провизии, да добијат значително значење пред 2028-ма година“, посочува тој.
Сепак, аналитичарот е оптимист дека претстојниот модел „Watermelon“ би можел да понуди можности на ниво на најнапредните „AI“ системи и да создаде услови за подобрување и на основниот рекламeн бизнис на „Meta“, но и на приходите од обезбедување пристап до нејзините модели преку облачна инфраструктура.



