ПочетнаЕКОНОМИЈАСВЕТКина годинава внесе над 1.000 тони злато за рекордна сума

Кина годинава внесе над 1.000 тони злато за рекордна сума

Кина потрошила рекордна сума за увоз на повеќе од 1.000 тони злато од почетокот на годината, додека централната банка и домашните инвеститори сè повеќе ги насочуваат средствата кон благородниот метал поради растечките геополитички тензии и слабата доходност на средствата во земјата.

Втората најголема економија во светот потрошила 158,8 милијарди долари за злато во првите осум месеци од годинава, објавува „Financial Times“. За споредба, во текот на целата 2025-та година Кина увезла 886 тони злато во вредност од 96,5 милијарди долари.

Растот на увозот доаѓа откако минатата година земјата ги ограничи купувањата поради силниот раст на цената на златото. Цената на благородниот метал се зголемила од околу 2.625 долари за унца на почетокот на 2025-та година, до рекордни 5.595 долари во јануари.

Кина е и најголемиот производител на злато во светот. Според податоците на „World Gold Council“, минатата година производството во земјата достигнало 384 тони.

Постојат знаци дека кинеските инвеститори ги зголемуваат купувањата на злато како дел од пошироката стратегија за диверзификација на своите средства. Кинеските вложувања во американски државни обврзници во јули се намалиле на 618 милијарди долари, што е најниско ниво од август 2008-ма година.

„И централната банка и приватните инвеститори ги диверзифицираат резервите и заштедите кон средство без ризик од другата договорна страна, како дел од долгорочна стратегија за зачувување на богатството“, изјави за „FT“ Лиса Лиу, управен директор во „Gold Mountains Asset Management“, дел од „Zijin Mining Group“ – најголемата компанија за производство на злато во Кина.

Можностите за инвестирање во самата Кина стануваат сè поограничени по почетокот на кризата на пазарот на недвижности во 2021-ва година. Главниот индекс „CSI 300“ е во пад од 1,8 отсто од почетокот на годината и останува за повеќе од една петтина под највисокото ниво достигнато на почетокот на 2021-ва година. Во исто време, приносите на кинеските државни обврзници се блиску до историски најниските нивоа.

„Ова не е краткорочна трансакција, туку повеќегодишно пренасочување на средствата и од страна на домаќинствата и од страна на државните институции. Обемот и континуитетот на кинеските купувања веќе се еден од главните фактори што влијаат врз цената на златото на глобално ниво и очекуваме тоа да продолжи сè додека неизвесноста околу економскиот раст и геополитичките случувања останува“, додава Лиу.

Златото добива сè поголемо значење како средство за диверзификација за глобалните инвеститори во период кога државните обврзници повеќе не се движат толку јасно во спротивна насока од берзанските пазари.

Кристофер Хамилтон, раководител за решенија за клиенти на „Invesco“ за Азиско-пацифичкиот регион без Јапонија, посочува дека златото веќе не реагира на традиционалниот начин при зголемување на реалниот принос на обврзниците – услови кои во минатото вообичаено ја намалуваа неговата цена.

„Се наоѓаме во средина во која има смисла да поседувате реални средства“, вели тој.

Според Хамилтон, купувањата од страна на институционалните инвеститори и понатаму се најважниот двигател на цената на златото.

Аналитичарите на „Goldman Sachs“ сметаат дека Народната банка на Кина купува повеќе злато отколку што покажуваат нејзините официјални податоци.

Во анализа објавена претходно овој месец, тие пресметале дека кинеската централна банка купила 35 тони злато во јули – значително повеќе од официјално објавените 20 тони.

Купувањата на Кина се одвиваат во период кога сè повеќе држави настојуваат физички да ги чуваат своите златни резерви поблиску до земјата што ги поседува. Минатиот месец, холандската влада префрли дел од своите златни резерви од Њујорк во Лондон.

ТРЕНДИНГ

НАЈНОВИ ВЕСТИ