Во август 2026 година, паричната маса (монетарниот агрегат М3) продолжи да се зголемува. На месечна основа, растот изнесува 1,3% и главно произлегува од депозитните пари (средства на трансакциски сметки) и краткорочните депозити. Во однос на истиот месец од претходната година, растот изнесува 8,2%, што претставува понатамошно забавување на годишната динамика, при што сите компоненти на паричната маса бележат раст, се вели во соопштението на НАродната банка.
Според Народната банка, вкупните депозити, во текот на август, се зголемија за 1,6% на месечна основа, раст кој потекнува од корпоративниот сектор. На годишна основа, нивото на депозитите е повисоко за 9,0%, при што зголемување бележат и депозитите на домаќинствата и на корпоративниот сектор.
Кредитната активност во август бележи раст од 0,7% на месечна и 13,6% на годишна основа. Раст е забележан кај двата сектора, при поголем месечен придонес на домаќинствата и поголем годишен придонес на корпоративниот сектор.
Депозити и кредити на корпоративниот сектор
Вкупните депозити на корпоративниот сектор во банкарскиот систем бележат раст, којшто на месечна и годишна основа изнесува 6,2% и 6,1%, соодветно. Месечната динамика е одраз на повисоките депозитни пари, додека годишниот раст е комбиниран ефект од растот на депозитните пари и долгорочно орочените депозити.
Кредитите на претпријатијата и во август растат со умерена месечна динамика од 0,6%, додека растот на годишна основа забрза на 15,1%. Зголемувањето на кредитирањето накорпоративниот сектор во целост е резултат на кредитирањето во домашна валута.
Депозити и кредити на домаќинствата
Во август, депозитите на населението се пониски за 0,4% на месечна основа, при намалување на состојбата на депозитните пари. На годишна основа, вкупните депозити на населението се зголемија за 10,2%, при раст на сите компоненти.
Орочените депозити на домаќинствата, коишто не ги вклучуваат средствата на трансакциските сметки, бележат месечно и годишно зголемување од 0,6% и 5,8%, соодветно, во поголем дел поради зголемените долгорочни орочени депозити.
Кредитите на населението и понатаму растат, со месечна и годишна стапка на раст од 0,7% и 12,3% соодветно. Порастот на кредитирањето на населението, главно, се должи на кредитите одобрени во денари. Во однос на наменета, зголемување бележат и потрошувачките и станбените кредити (месечен раст од 0,5% и 0,6%, при годишно зголемување од 12,2% и 16,2%, соодветно).



