ПочетнаЕКОНОМИЈАМАКЕДОНИЈАЕлектричар открива како да ја намалите сметката за струја

Електричар открива како да ја намалите сметката за струја

Сметката за струја најчесто не ја крева еден апарат, туку навиките што ги повторуваме секој ден. Бојлер што грее со часови, рерна што се отвора на секои пет минути, клима што работи со отворен прозорец, машина пуштена со половина барабан… На крајот од месецот сето тоа се собира.

Електричарите посочуваат дека меѓу поголемите потрошувачи во домаќинството се бојлерот, фрижидерот, рерната, машината за перење, а во летните месеци и клима-уредите. Но, потрошувачката може да се намали и без семејството да седи во темница или да се откаже од топла вода. Клучот е кога и како се користат апаратите.

Најмногу внимание заслужува бојлерот. Во многу македонски домови тој се остава вклучен со часови, понекогаш и цела ноќ. Познавачите на електричните инсталации велат дека нема голема корист водата постојано да се загрева на многу висока температура ако поголем дел од неа потоа ќе се разреди со студена вода.

„Суштината е да ја загреете количината вода што ви е потребна“, советува електричар.

Практично, за секојдневно туширање нема потреба водата да биде речиси врела. Во анализата се посочува дека температура од околу 40 до 45 степени може да биде доволна за капење, а пониската температура значи и помало создавање бигор на грејачот.

Сепак, кај македонските домаќинства има уште една важна сметка. Не е исто кога ќе го вклучите бојлерот.

Според актуелниот тарифен распоред, ниската тарифа за домаќинствата важи од 13 до 15 часот и од 22 до 7 часот секој ден, како и непрекинато од сабота во 22 часот до понеделник во 7 часот. Тоа значи дека машината за перење, машината за садови или загревањето вода, кога условите дозволуваат, може да се префрлат токму во овие периоди.

Со други зборови, не е доволно само да се троши помалку. Важно е и кога се троши.

Кај клима-уредите, најчеста грешка е постојаното менување на температурата, гасење и повторно вклучување или работа со отворени врати и прозорци. Енергетичарите советуваат просторијата да се изолира колку што е можно подобро, филтрите редовно да се чистат, а температурата да не се поставува на крајни вредности само за просторијата побрзо да се олади.

Слична е приказната и со фрижидерот. Тој мора да работи цел ден, па тука нема простор за гасење и вклучување. Но има простор за нормално користење. Вратата да не стои долго отворена, да не се става жешка храна директно внатре и уредот да има простор за проветрување од задната страна.

Малите потрошувачи сами по себе нема да направат чудо, но кога ги има десетина во еден стан, приказната се менува. Полначи оставени во штекер, светилки што горат во празни простории, телевизори и други уреди оставени во режим на мирување… Малку по малку.

Кај машината за перење, пак, наједноставниот совет е да не се пушта за неколку парчиња облека ако тоа не е неопходно. Полна машина и пониска температура на перење во многу случаи значат порационално користење на струјата.

Електричарите укажуваат и на безбедноста кај бојлерот, особено ако електричната инсталација е стара или заштитата не е исправна.

„Задолжително исклучете го бојлерот кога се бањате“, гласи советот.

На крајот, нема еден прекинувач што преку ноќ ќе ја преполови сметката. Но има десетина ситни навики што секојдневно ја туркаат потрошувачката нагоре. А кога ќе стигне фактурата, токму тие „ситници“ веќе не изгледаат толку ситни.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

НАЈНОВИ ВЕСТИ