Европските берзи од крајот на 2020-та година досега изгубија компании од секторот на недвижности со вкупна вредност од над 81 милијарда евра, бидејќи упорно ниските цени на нивните акции ги прават компаниите ранливи на преземања, пишува „Bloomberg“.
Вкупно 61 компанија за недвижности ги напуштила берзите во однос на врвот достигнат на почетокот на деценијата, главно преку спојувања со други котирани компании, но и преку делистирања и трансакции со кои компаниите преминале во приватна сопственост, покажуваат податоците собрани од Европската асоцијација на котирани компании за недвижности (EPRA).
Само во Велика Британија, од 2017-та година досега од берзата се повлекле 49 компании за недвижности.
Акциите на европските компании за недвижности редовно се тргуваат под вредноста на нивните портфолија уште од финансиската криза, а растот на трошоците за финансирање по инфлаторниот шок во 2022-ра година дополнително го влоши трендот.
Тоа доведе до преземање на компании од страна на поголеми конкуренти, при што дури и најголемите играчи на пазарот се изложени на ризик.
Најновиот договор на „Прологис“ за преземање на најголемиот британски фонд за инвестиции во недвижности „Сегро“, вреден 14 милијарди фунти (18,9 милијарди долари), покажа дека дури и најголемите сопственици на недвижности се ранливи на нападот на поголемите конкуренти.

Притисокот врз европскиот пазар е добра вест за американските компании за недвижности кои бараат поволни можности за преземања во поширокиот сектор.
„Фактот дека имаме предност во капиталните трошоци, како и дека располагаме со обем, ни овозможува да се вклучиме и да понудиме решенија што ќе помогнат во консолидацијата на секторот“, изјави Самит Рој, извршен директор и претседател на „Realty Income Corp.“, во интервју за време на конференцијата на Европската асоцијација на котирани компании за недвижности.
Но, дел од инвеститорите сметаат дека менаџментите на компаниите треба да направат повеќе за да се заштитат од потенцијалните купувачи.
„Ако јавно не сте ги објавиле своите амбиции, ако станете плен, ако сте цел на ситуација со спојување и преземање, ако активистичкиот акционер повторно се појави во сопственичката структура, ќе мора да го направите тоа. Тогаш, зошто сами да не ја контролирате приказната?“, вели Метју Норис, раководител на одделот за хартии од вредност во секторот на недвижности во „Gravis“.
Расположението на конференцијата, одржана во хотелот „Principe di Savoia“ во Милано, годинава беше особено мрачно.
Продолжениот конфликт на Блискиот Исток, во комбинација со претстојните претседателски избори во Франција и забавувањето на економскиот раст во некои од најголемите европски економии, ја поткопаа довербата кај присутните, кои се надеваа на раст на акциите на европските компании за недвижности.
„Минатата година луѓето се надеваа. Надежта исчезна“, вели Рожие Кирижн, висок портфолио-менаџер и раководител на одделот за недвижности во Европа во компанијата „Cohen & Steers“.
Некои инвеститори се чувствуваат како да се во филмот „Омаѓепсан ден“, по години на слаби перформанси на акциите на европските компании за недвижности, без да се гледа крајот на падот што започна со пандемијата на Ковид-19, а потоа продолжи со наглото завршување на периодот на ултраниски каматни стапки по руската инвазија врз Украина.
Бидејќи цената на нафтата повторно достигна 100 долари за барел во деновите пред конференцијата, учесниците се обидуваа да најдат начини како да продолжат во услови на постојана неизвесност.
„Црните лебеди се множат и веќе не се појавуваат еден по еден, туку во цели јата“, изјави Бронвен Мадокс, директорка и извршна директорка на „Chatham House“.

Сепак, некои компании за недвижности не се вклопуваат во овој тренд.
„Blackstone“, најголемиот сопственик на недвижности, размислува да повлече од берзата два свои портфолија – „Hotel Investment Partners“ и „Indurent“.
Интересот за нови котации би можел да се засили и поради центрите за податоци, кои во моментов се најатрактивната категорија на имот во секторот на недвижности, бидејќи технолошките компании се натпреваруваат во проширувањето на своите компјутерски капацитети низ целиот свет.
„Се зборува за четири-пет иницијални јавни понуди на акции во одреден момент годинава, а се чини дека сите се поврзани со центри за податоци, што и може да се очекува“, вели Том Вокер, еден од раководителите на одделот за глобални котирани реални средства во „Schroders“.
Тој, сепак, додава дека најголемиот дел од активноста „веројатно ќе биде насочен кон САД и Азија“.
Тоа е добар знак за пазарот што се намалува, иако геополитичката неизвесност им отежнува на продавачите да го погодат вистинскиот момент за продажба.
„Мислам дека во последните неколку години беше многу јасно дека приливот на најавени иницијални јавни понуди целосно пресуши“, вели Доминик Моренхаут, извршен директор на EPRA, посочувајќи го неодамнешното појавување на берзата на швајцарска компанија за недвижности во здравствениот сектор како причина за оптимизам.
„Сметам дека денес можеме да кажеме дека е можно до крајот на годината да видиме уште едно или две подеднакво добри изненадувања“, додава тој.



