ПочетнаЕКОНОМИЈАСВЕТЕЦБ: Растот на цените на гасот во Европа може побрзо да се...

ЕЦБ: Растот на цените на гасот во Европа може побрзо да се одрази врз инфлацијата

Растот на цените на природниот гас веројатно ќе се пренесе врз инфлацијата во еврозоната побрзо отколку во минатото, но неговото влијание врз цените на електричната енергија ќе биде помало поради зголеменото производство од обновливи извори. Ова го наведува Европската централна банка (ЕЦБ) во својот економски билтен.

Цените на природниот гас на големо се зголемиле за повеќе од 140 отсто од почетокот на војната во Иран, на годишно ниво, бидејќи конфликтот го ограничува глобалното снабдување, додека ниското ниво на резерви во Европа го зголемува ризикот од дополнително поскапување.

Пазарите на гас во Европа постепено се либерализираат, откако руската војна во Украина во 2022-ра година го ограничи снабдувањето. Последователните промени, вклучително и пофлексибилното формирање на цените и пократките договори со фиксни цени, значат дека и малопродажните цени ќе реагираат побрзо, покажува анализата на ЕЦБ.

Истражување спроведено меѓу централните банки во еврозоната покажува дека промените на цените на гасот на големо ќе се пренесат врз инфлацијата кај гасот во рок од еден до три месеци во повеќе од половината земји од еврозоната – што е поголем удел во споредба со 2022-ра година.

Во околу една десетина од земјите, преносот на ценовните промени се случува во рок од четири до шест месеци, додека во една третина од земјите потребни се седум до 12 месеци.

„Забележително е што уделот на земјите кои известуваат за бавен пренос на ценовните промени, во период од 13 до 24 месеци, е намален од околу 40 отсто на околу 5 отсто од 2022-ра година наваму“, наведува ЕЦБ.

Овие наоди се значајни бидејќи инфлацијата во еврозоната веќе е над 3 отсто, што е забележително над целта на ЕЦБ од 2 отсто, а некои економисти очекуваат до крајот на годината да достигне 4 отсто.

Тоа создава дополнителен притисок врз централната банка да ги зголеми каматните стапки, и покрај двете зголемувања во последните месеци.

ТРЕНДИНГ

НАЈНОВИ ВЕСТИ