„Advanced Micro Devices“ (AMD) накратко ја надмина пазарната капитализација од 1 трилион долари за првпат, приклучувајќи се на малата група производители на чипови кои досега ја достигнале оваа граница. Инвеститорите очекуваат улогата на компанијата во областа на вештачката интелигенција и AI-пресметките дополнително да се зголеми.
Акциите на компанијата поскапеа за речиси 9 отсто, на околу 610 долари, откако достигнаа историски максимум од 613,92 долари и со тоа ја подигнаа пазарната вредност на „AMD“ на нешто над 1 трилион долари.
Достигнувањето на оваа граница е уште еден показател за силниот раст на „AMD“, со седиште во Санта Клара, Калифорнија. Компанијата се смета за најблизок конкурент на гигантот во областа на вештачката интелигенција, „Nvidia“, на пазарот на графички процесори.
„AMD“ стана четвртиот американски производител на чипови кој ја надминал вредноста од 1 трилион долари, по „Nvidia“, „Broadcom“ и „Micron“. „Nvidia“ ја надмина оваа граница во 2023-та година, а денес е компанијата со најголема пазарна вредност во светот, од повеќе од 5 трилиони долари.
„AMD“ го забрза лансирањето на своите производи за вештачка интелигенција и отиде подалеку од продажбата на одделни чипови. Компанијата нуди цели системи кои комбинираат процесори, мрежна опрема и друг поврзан хардвер, со што се обидува директно да конкурира на производите на „Nvidia“.
Дел од оптимизмот околу акциите на производителите на чипови е поврзан и со AI-агентот Muse на „Meta Platforms“, кој по лансирањето претходно овој месец стигна до првото место меѓу бесплатните апликации во „App Store“ на „Apple“.
Тоа повторно го засили интересот за акциите на компаниите кои произведуваат централни процесори потребни за работа на AI-агенти. Акциите на „Meta“ во понеделникот пораснаа за повеќе од 7 отсто.
На почетокот на минатиот месец „AMD“ прогнозираше приходи за тримесечјето над очекувањата на „Волстрит“. Сепак, резултатите не ги задоволија високите очекувања на инвеститорите, поради што акциите истиот ден паднаа за 7 отсто. Оттогаш, нивната вредност порасна за повеќе од 26 отсто.
Акциите на повеќето производители на чипови во понеделникот забележаа раст. „Intel“ порасна за околу 11 отсто, „Qualcomm“ за 4,1 отсто, додека поширокиот берзански индекс S&P 500 се зголеми за 2,6 отсто и достигна највисоко ниво во последниот месец.



