ПочетнаЕКОНОМИЈАСВЕТРусија ги пренаменува пристаништата, житото го префрла од Црното кон Балтичкото Море

Русија ги пренаменува пристаништата, житото го префрла од Црното кон Балтичкото Море

Руските компании приспособуваат терминали за вештачки ѓубрива, јаглен и други товари во руските пристаништа на Балтичкото и Северното Море, вклучително и Уст-Луга и Мурманск, за обработка на извозот на жито, откако украинските напади со дронови го нарушија транспортот преку Црното Море, објави „Reuters“, повикувајќи се на пет извори од секторите за поморски транспорт и жито.

И Русија, најголемиот извозник на пченица во светот, и Украина бележат остар пад на извозот на жито поради меѓусебните напади врз бродови и пристаништа во Црното Море во последните месеци. Во претходната извозна сезона речиси 90 отсто од рускиот извоз на жито по морски пат се реализирал преку Црното Море.

Извор од секторот изјавил дека приватниот терминал „Ултрамар“, кој има деклариран капацитет од 37 милиони тони во пристаништето Уст-Луга на Балтичкото Море и моментално е специјализиран за минерални ѓубрива, бил брзо приспособен за да може да обработува пратки со жито.

Друг извор од индустријата, кој ги видел записниците од состанокот на руското Министерство за транспорт од август, вели дека се разгледувала можноста товарите на „Деметра“, најголемата руска компанија за трговија со жито и логистика, да бидат пренасочени кон „Ултрамар“.

„Не е само ‘Деметра’, сите други исто така сакаат да одат таму. Сите сакаат да одат на Балтичкото Море“, вели изворот, додавајќи дека жито од „Деметра“ веќе се доставува до „Ултрамар“.

Државни субвенции

„Ултрамар“ почнал да обработува жито од август, изјавил извор од пазарот. Според друг пазарен извор, нарачките за железнички транспорт на жито до терминалот во септември достигнале околу 260.000 тони, наменети за Египет и Саудиска Арабија. Претходно „Ултрамар“ не вршел испораки на жито.

Минатата година терминалот извезол 16 милиони тони вештачки ѓубрива. Според извор од индустријата, слободниот капацитет на терминалите на Балтичкото Море е доволно голем за пренамената веројатно да нема значително влијание врз рускиот извоз на ѓубрива.

Терминалите „Модул“ и „БСМЗ“ во пристаништето Санкт Петербург, кои претходно не обработувале товар со жито, сега прифаќаат жито, велат извори запознаени со ситуацијата.

Според еден од нив, „Модул“ може да обработува до 70.000 тони жито месечно во контејнери, иако овој начин на транспорт се смета за поскап.

Користењето на пренаменети терминали би можело значително да го зголеми извозниот потенцијал на руските пристаништа на Балтичкото Море. Аналитичарите проценуваат дека нивниот сегашен капацитет за обработка на жито е меѓу 2 и 7 милиони тони, наспроти повеќе од 60 милиони тони во јужните пристаништа.

Еден од изворите наведува дека Руските железници му дале висок приоритет на транспортот на жито кон Балтичкото и Северното Море и дека за тој транспорт веќе се обезбедени државни субвенции.

Пристаниште на Северното Море без мраз

Комерцијалното морско пристаниште во Мурманск, четврто по големина во Русија со годишен капацитет до 24 милиони тони, минатата недела соопшти дека се подготвува да започне со извоз на жито во октомври.

Засега не е јасно кои терминали во Мурманск ќе бидат пренаменети за обработка на жито, но во последно време нема информации за изградба на нови капацитети. Од пристаништето се извезуваат јаглен, железна руда и метали.

Извор од индустријата вели дека, благодарение на можноста пристаништето да опслужува големи бродови од класата „Панамакс“, зголемувањето на трошоците за поморски транспорт нема да биде значително.

Мурманск се наоѓа на 2.700 километри од главниот руски јужен извозен центар за жито, Новоросијск.

Според истиот извор, веќе е договорена и одобрена од Руските железници испораката на првите 40.000 тони жито со железница од руската Ставрополска област до Мурманск.

Мурманск е целогодишно незамрзнувачко пристаниште на Северното Море, достапно преку неутрални води. За време на Втората светска војна, преку него биле обработувани витално важни пратки од сојузниците за Советскиот Сојуз.

Поради тоа, Мурманск се смета за нешто побезбедна дестинација, бидејќи ризиците во Балтичкото Море исто така се зголемиле поради влошувањето на односите со Европа.

Русија извезла 4,4 милиони тони жито во јули и август, што е пад од околу 31 отсто во однос на истиот период претходната година. Извозот на жито во септември се очекува да биде преполовен, на 2,45 милиони тони, во споредба со количината извезена минатата година, покажуваат податоците на консултантската компанија „СовЕкон“.

Земјоделците се пожалиле на вишок жито што не успеале да го извезат.

Рускиот министер за земјоделство Оксана Лут минатата недела изјавила пред новинарите дека земјата нема проблеми со извозот на своето жито, откако дел од испораките биле пренасочени преку Балтичкото и Каспиското Море и преку Далечниот Исток.

ТРЕНДИНГ

НАЈНОВИ ВЕСТИ