ПочетнаЕКОНОМИЈАМАКЕДОНИЈАКлимата не лади, ама цената пече: Еве колку чини сервис во Македонија

Климата не лади, ама цената пече: Еве колку чини сервис во Македонија

Кога климата ќе престане да лади среде жештина или фрижидерот ќе почне да прави вода наместо мраз, првата мисла е една: повикај мајстор. Втората доаѓа малку подоцна, кога ќе се слушне цената. Сервисирањето на разладните уреди во Македонија одамна не е ситен трошок, а зависно од дефектот, сметката лесно може да порасне од неколку стотини на неколку илјади денари.

Кај клима уредите барем дел од цените може однапред да се пресметаат. Според актуелните ценовни водичи за Македонија, обичен сервис и чистење најчесто се движи од околу 1.000 до 2.500 денари по уред.

Но, тоа е само почетокот.

Подетално хемиско чистење веќе оди и повисоко. Кај дел од сервисерите во Скопје, чистење на клима со моќност од 3,5 киловати се нуди за околу 2.500 денари, кај уред од 5 киловати цената оди околу 3.000 денари, а кај поголемите од 7 киловати стигнува до 3.500 денари.

Има и поевтини понуди. Во дел од актуелните огласи, хемиско и антибактериско чистење на помала клима се нуди за околу 1.600 денари, додека кај поголемите уреди цената е околу 1.900 денари. Во таа сума е вклучено и мерење на количеството разладно средство, но дополнувањето се наплаќа посебно ако има потреба.

Ако климата само треба да се исчисти, сопственикот уште добро поминал. Ако недостига разладно средство, има истекување, проблем со електрониката, вентилаторот или компресорот, конечната цена зависи од дефектот и од резервниот дел.

„Цената може да варира во зависност од состојбата на климата“, наведуваат сервисерите во своите ценовници.

Познавачите на оваа дејност посочуваат дека клиентите често грешат кога бараат само една бројка по телефон. Едно е редовно чистење, сосема друго е мајсторот да отвора уред, да бара истекување, да менува дел или да интервенира на електрониката.

„Реалната цена зависи од мајсторот, локацијата, големината на работата и состојбата на просторијата“, се наведува во еден од актуелните ценовни водичи за сервисирање во Македонија.

Со фрижидерите работата е уште понезгодна. Кај голем дел од сервисите нема јавно објавен фиксен ценовник за поправка, бидејќи ист симптом може да значи сосема различен дефект. Фрижидер што не лади може да има проблем со термостат, сензор, електроника, разладен систем или компресор. Затоа најчесто прво следува дијагностика, па потоа понуда за поправка.

Дополнителен проблем е што добар мајстор сè потешко се наоѓа. На пазарот веќе подолго време има недостиг од искусни занаетчии, а интересот кај младите за дел од овие професии е слаб. Неодамнешни податоци и изјави од занаетчискиот сектор покажуваат дека за одредени поправки граѓаните чекаат со недели, додека цената на работната рака расте.

Економистите ваквата состојба ја објаснуваат прилично едноставно. Кога побарувачката за услуга е голема, а бројот на луѓе што знаат квалитетно да ја завршат работата е мал, цената оди нагоре. На тоа се додаваат резервните делови, превозот, алатот и трошоците за работа.

Затоа старото правило „ќе го сервисирам кога ќе се расипе“ може да излезе најскапо. Редовниот сервис на климата чини неколку илјади денари. Кога ќе откаже компресорот или електрониката, приказната веќе е друга.

И тогаш, наместо климата, може да се „смрзне“ сопственикот кога ќе ја слушне сметката.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

НАЈНОВИ ВЕСТИ