Купувањето половен автомобил често почнува со оглас што изгледа речиси совршено. Добра цена, пристојна километража, „топ состојба“, „без вложување“, а на фотографиите автомобилот свети како штотуку да излегол од салон. Токму тука, велат познавачите, треба да се притисне сопирачката. Не на автомобилот, туку на желбата веднаш да се извадат парите.
На македонскиот пазар избор има многу, но добар половен автомобил не се купува само со очи. Првиот чекор е да се одреди колкав буџет може реално да поднесе семејството и за што автомобилот навистина ќе се користи. Едно е секојдневно возење низ Скопје, друго е патување до работа по неколку десетици километри, а сосема трето се чести патувања со целото семејство.
„Не треба да се купува првиот автомобил што ќе ви се допадне“, советуваат познавачите на пазарот на половни возила.
Цената на огласот, всушност, е само почеток на математиката. По купувањето следуваат регистрација, гориво, редовни сервиси, гуми, резервни делови, а понекогаш и поправки што претходниот сопственик не ги спомнал. Евтин автомобил со скапи делови и висока потрошувачка многу брзо може да стане поскап од возило што при купувањето чинело неколку илјади евра повеќе.
Економистите советуваат купувачот да не го троши целиот расположлив буџет само за автомобилот. Треба да останат пари и за првиот сервис, евентуалните поправки и трошоците што ќе се појават веднаш по промената на сопственоста.
А токму сервисот е местото каде што може да се спаси најмногу пари.
Кога автомобилот ќе влезе во потесен избор, најдобро е да го види мајстор на кого му верувате. Убаво исполираната каросерија не кажува како работи моторот, во каква состојба е менувачот или дали суспензијата наскоро ќе бара сериозна интервенција.
„Однесете го автомобилот во професионален сервис и направете пресметка што треба да се замени“, советуваат познавачите.
Посебно внимание треба да се посвети на сервисната историја. Книшка со уредно заведени сервиси е плус, но сама по себе не е гаранција. Колку повеќе сметки, записи и други докази за одржувањето може да покаже продавачот, толку подобро. Кај возила за кои постојат електронски сервисни податоци, дополнителната проверка може да открие многу повеќе од приказната дека автомобилот бил „возен само до работа“.
Следува каросеријата. Автомобилот треба да се
леда чист и на дневна светлина. Различна нијанса на бојата на вратите и крилата, нерамномерни празнини меѓу панелите, траги од фарбање или поправка може да покажат дека возилото претходно било оштетено. Малку изгребан браник кај половен автомобил не е трагедија. Сериозно удрена и потоа прикриена каросерија е друга работа.
Не треба да се заборави ниту бројот на шасијата. Тој мора да одговара на документацијата и да нема видливи траги дека е интервенирано околу него.
И потоа доаѓа пробното возење. Пет минути околу паркинг не се доволни. Автомобилот треба да се проба на различни брзини, на нерамнини, при забрзување и сопирање. Треба да се слуша дали тропа нешто, дали воланот влече на страна, како менува брзини и дали моторот работи рамномерно. Проверете ја климата, светлата, прозорците, ретровизорите, бравите, радиото. Сè.
На крајот, најдобриот половен автомобил не е оној што има најубави фотографии ниту оној што е најевтин на оглас.
Добра зделка е автомобилот за кој однапред знаете што купувате, колку ќе ве чини и што ќе треба да поправите. Сè друго е малку автомобил, малку лотарија.
Б.З.М.



