ПочетнаЕКОНОМИЈАМАКЕДОНИЈАМислевте дека сте собрале доволно за стан? Почекајте да стигнете до нотар

Мислевте дека сте собрале доволно за стан? Почекајте да стигнете до нотар

Кога купувач ќе најде стан од 80.000 или 100.000 евра, првата математика обично завршува токму таму. Цена на станот, евентуално кредит, учество и готово. Но, кога ќе дојде време за потпишување договор и префрлање на имотот, на маса излегуваат уште неколку трошоци. Нотар, данок, документи, впишување… И сумата почнува да расте.

Кај купопродажбата на недвижности во Македонија нотарот има важна улога во постапката, а неговата награда не се определува произволно. Таа е регулирана со Нотарската тарифа, која предвидува дека висината на наградата зависи од вредноста, сложеноста и видот на правната работа, како и од дејствијата што треба да бидат извршени.

Токму тука многу купувачи првпат сфаќаат дека цената што ја договориле со продавачот не е и конечната сума што ќе ја извадат од џеб.

„Луѓето најчесто прашуваат колку чини станот и колкава ќе им биде ратата во банка. Ретко кој на почетокот прави пресметка за сите трошоци што следуваат до моментот кога имотот конечно ќе биде запишан на негово име“, велат познавачи на пазарот на недвижности.

Нотарската постапка, сепак, не е само печат и потпис на парче хартија. Кај правниот промет на недвижности се проверуваат документите, правниот статус на имотот и условите под кои се врши преносот. Тоа е и причината зошто трошокот не треба да се гледа како обична административна заверка.

Во самата Нотарска тарифа е наведено дека „наградата на нотарот се определува според вредноста, сложеноста и видот на нотарската исправа“, што значи дека не може однапред да се каже една иста цена за секоја купопродажба.

Но нотарот не е единствениот дополнителен трошок.

При купување недвижност треба да се земе предвид и данокот на промет на недвижности. Во Македонија стапката изнесува од 2 до 4 проценти од пазарната вредност на недвижноста, а конкретната стапка ја утврдува надлежната општина, односно Град Скопје. По правило даночен обврзник е продавачот, но во договорот може да биде предвидено данокот да го плати купувачот.

И токму последната реченица може прилично да ја смени сметката.

Ако во купопродажниот договор стои дека купувачот го презема плаќањето на данокот, кај поскап стан станува збор за сума што воопшто не е занемарлива. Затоа познавачите советуваат пред да се даде капар внимателно да се прочита кој ги презема даночните и останатите трошоци.

„Договорената цена е само првата бројка. Купувачот треба однапред да знае кој го плаќа данокот, колкави ќе бидат нотарските и другите трошоци и дали има дополнителни издатоци поврзани со кредитот“, посочуваат финансиски познавачи.

За семејство кое со години штедело за учество за стан, и неколку стотици евра непланиран трошок можат да направат проблем. Особено ако во исто време треба да се платат капар, банкарски провизии, преселба, мебел или реновирање.

А тие трошоци најчесто доаѓаат сите одеднаш.

Затоа економистите советуваат купувачите да не влегуваат во купопродажба со буџет пресметан „до последно евро“. Треба да остане простор и за административните и даночните обврски кои следуваат по договорената цена.

Станот можеби чини 100.000 евра на оглас.

До моментот кога клучот навистина ќе биде во рака, сметката речиси никогаш не завршува само на тие 100.000 евра.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

НАЈНОВИ ВЕСТИ