На Европа ѝ се заканува недостиг на авионско гориво во последниот квартал од 2026-та година, поради што сè повеќе се потпира на далечни добавувачи, меѓу кои и Јужна Кореја. Тоа го покажува најновата анализа изработена врз основа на податоци за поморскиот транспорт.
Консултантската компанија „Energy Aspects“ проценува дека Европа во четвртиот квартал од годинава ќе се соочи со недостиг од околу 510.000 барели керозин дневно.
За споредба, во истиот период во азиско-пацифичкиот регион се очекува вишок од околу 419.000 барели дневно, додека во САД прогнозираниот вишок изнесува околу 18.000 барели дневно, пренесува „Reuters“.
Пред избувнувањето на војната на Блискиот Исток, Европа обезбедувала околу половина од увозот на авионско гориво од тој регион. Нарушувањата во синџирите на снабдување сега ја принудуваат да ги проширува изворите на набавка, па увезува поголеми количества од Нигерија, САД и Канада, а во последно време и од Јужна Кореја.
Според податоците на аналитичката компанија „Kpler“, европскиот увоз на авионско гориво од Јужна Кореја во септември достигнал околу 129.000 барели дневно, што е највисоко ниво од октомври 2022-ра година.
Јужна Кореја, пак, во јули произвела речиси 13,89 милиони барели авионско гориво, што е најголемо производство во последните седум години. Во истиот период, нејзиниот извоз достигнал највисоко ниво во изминатите три и пол години.
Дополнителен притисок врз европскиот пазар создава и падот на резервите. Залихите на авионско гориво во главниот европски центар за преработка и складирање Амстердам–Ротердам–Антверпен во неделата заклучно со 10-ти септември се намалиле на најниско ниво во последните седум години.
Комбинацијата од зголемена потреба за увоз, нарушените синџири на снабдување и намалените залихи дополнително го затегнува европскиот пазар на авионско гориво.






