Германската автомобилска индустрија се соочува со сериозна криза, а десетици илјади работници низ земјата излегуваат на протести поради затворање фабрики, намалување на производството и најави за масовни отпуштања.
Вработени во „Volkswagen“, „Mercedes-Benz“, „BMW“, „Audi“, „Porsche“, како и во бројни компании добавувачи, протестираат против плановите за укинување работни места и затворање производствени капацитети.
Синдикатот „IG Metall“ најави повеќе од 280 протестни акции низ Германија. Од синдикатот велат дека работниците не смеат да ја плаќаат цената за погрешните деловни одлуки донесени во изминатите години.
Протестите се одржуваат само неколку дена откако „Volkswagen“ драстично ја намали прогнозата за својата профитабилност.
Под мотото „Иднина наместо кратења – солидарноста е нашиот најсилен бренд“, работниците протестираат пред фабриките на автомобилските компании низ целата земја.
„IG Metall“ бара да се зачуваат работните места и производството во Германија, како и да се зголемат инвестициите во домашните фабрики и развојот на нови модели.
Од владата на канцеларот Фридрих Мерц синдикатот, меѓу другото, бара пониски цени на електричната енергија, подобра заштита од евтин увоз и поголема поддршка за добавувачите кои минуваат низ процес на преструктурирање.
„Нема мирно да гледаме како една од клучните индустрии постепено се гаси“, предупреди регионалниот раководител на „IG Metall“, Торстен Грегер, во пресрет на протестите.
Синдикатот дел од одговорноста за кризата ја гледа и во раководствата на автомобилските компании. Според нив, производителите предоцна понудиле подостапни модели, задоцниле со развојот на батериите и дигитализацијата и недоволно инвестирале во иднината на производствените капацитети.
„Volkswagen“ драстично ги намали очекувањата
Протестите се одржуваат во особено чувствителен момент за германската автомобилска индустрија.
„Volkswagen“, најголемиот производител на автомобили во Европа, во петокот ја намали прогнозата за оперативната профитабилност за годинава. Наместо претходно очекуваните 4 до 5,5 отсто, компанијата сега очекува најмногу 1 отсто.
Како причини ги наведува влошените услови на пазарот, особено во Кина, трошоците за преструктурирање и отписот од околу 6 милијарди евра, поврзан со „Porsche“.
„Промените на пазарот се длабоки и трајни. Немаме време за губење“, предупреди финансискиот директор на „Volkswagen“, Арно Антлиц.
Притисок од Кина, електрификацијата и американските царини
Проблемите не се ограничени само на една компанија. Германската автомобилска индустрија е под притисок од повеќе страни.
Продажбата на кинескиот пазар, кој со години беше еден од најпрофитабилните за германските производители, се намалува. Во исто време, кинеските производители со пониски цени го зголемуваат својот удел на европскиот пазар.
Преминот кон електрични автомобили бара милијарди евра инвестиции, додека работењето на американскиот пазар е дополнително отежнато поради царините.
Последиците веќе се чувствуваат на пазарот на трудот.
Според податоците на германското здружение на автомобилската индустрија „VDA“, секторот од 2019-та година досега изгубил околу 100.000 работни места. Само компаниите добавувачи меѓу 2019-та и 2025-та година укинале околу 74.000 работни места.
А најавите за нови кратења продолжуваат.
„Volkswagen“ подготвува мерки кои би можеле да опфатат околу 100.000 работни места ширум светот. „BMW“ планира да укине околу 8.000 позиции, додека „Mercedes-Benz“ го намалува производството во Германија и го зголемува производството со пониски трошоци во Унгарија.
Германската автомобилска индустрија, која со децении беше еден од столбовите на економијата на земјата, сега се соочува со комбинација од пад на побарувачката на важни пазари, силна конкуренција, високите трошоци за трансформација кон електрични возила и нови трговски бариери.






