Дигиталното евро во понеделник дебитираше на меѓубанкарските финансиски пазари, откако Европската централна банка (ЕЦБ) ја пушти во употреба платформата за токенизирани плаќања „Pontes“.
Токенизацијата подразбира создавање дигитални верзии на средства и пари кои можат безбедно да се разменуваат преку интернет со помош на системи базирани на блокчејн. Целта е тие да се разликуваат од досегашните форми на дигитални трансакции, пишува „Financial Times“.
Од 9:15 часот во понеделникот, платформата „Pontes“, со која управува ЕЦБ, им овозможува на банките да порамнуваат трансакции евидентирани во приватни децентрализирани регистри, слични на заедничка онлајн евиденција, користејќи средства на Европската централна банка.
ЕЦБ се обидува да ја наметне оваа технологија како алтернатива на стабилните криптовалути (стeјблкоини) издадени од приватни компании за порамнување токенизирани трансакции. „Pontes“ е дел од пошироката иницијатива за модернизирање на европската монетарна и платежна инфраструктура.
Паралелно се развива и дигиталното евро наменето за трансакции меѓу граѓаните и трговците, наведува „Financial Times“.
Додека дигиталната верзија на готовината наменета за секојдневни плаќања сè уште зависи од значајни измени во законодавството на Европската Унија, ЕЦБ може да воведе дигитално евро за прекугранични плаќања во рамките на постојните правила.
Од Европската централна банка велат дека и двете решенија се потребни за заштита на слободата и монетарниот суверенитет на земјите од еврозоната.
Економистите на ЕЦБ предупредуваат дека доколку стeјблкоините деноминирани во американски долари станат широко користени во Европа за порамнување дигитални трансакции, еврозоната би можела да изгуби дел од контролата врз сопствената монетарна политика.
На глобално ниво, најголемиот дел од трансакциите со криптовалути се реализираат преку токени деноминирани во американски долари. Дополнителна геополитичка ранливост создава и доминацијата на американските компании „Visa“, „Mastercard“ и „PayPal“ во платежната инфраструктура.
Новата платформа на ЕЦБ ги поврзува операторите од приватниот сектор кои користат технологии на дистрибуирани регистри со банките во 21 земја од еврозоната, преку постојниот систем „Target2“, кој се користи за порамнување на плаќањата меѓу европските банки, пишува „Financial Times“.
Додека дел од приватните банки се скептични кон дигиталното евро за плаќања во секојдневниот промет, главниот економист на „BNP“, Изабел Матеос и Лаго, претходно годинава изјави дека Европа „итно има потреба“ од дигитално евро.
Членот на Извршниот одбор на ЕЦБ, Пјеро Чиполоне, во понеделникот изјави дека „Pontes“ носи „стабилност и доверба во парите на централната банка во европскиот екосистем на токенизирани финансии“.
Целта на ЕЦБ е дигиталната верзија на готовината за домаќинствата и трговците да стане оперативна до 2029-та година, додека бета-тестирањето е планирано за 2027-ма година.
Потребните законски измени за воведување на дигиталното евро во моментов се разгледуваат меѓу Европскиот парламент, Советот на ЕУ и Европската комисија. Политички договор се очекува да биде постигнат до крајот на годинава.
„Pontes“ започна со 13 банки, меѓу кои „Deutsche Bank“, „Santander“ и „Société Générale“, како и со четири оператори на дистрибуирани регистри, меѓу кои „Clearstream“, во сопственост на „Deutsche Börse“, и литванската финтек-компанија „Axiology“.
Според извор на „Financial Times“, во наредните месеци се очекува да се приклучат и други учесници.
Иако во почетокот работното време на системот ќе биде ограничено од 8 до 16 часот по средноевропско време, планот е до 2028-ма година „Pontes“ да функционира 24 часа дневно, 365 дена во годината.
ЕЦБ ќе биде меѓу првите корисници на „Pontes“. Институцијата со седиште во Франкфурт во понеделникот соопшти дека ќе инвестира „мал дел од сопствените средства во токенизирани хартии од вредност“.
Сепак, според извор на „Financial Times“, тоа не значи дека ЕЦБ ќе купува криптовалути како биткоин или приватни стабилни криптовалути како „Tether“.
Наместо тоа, централната банка ќе купува токенизирани хартии од вредност, како што се обврзници, кои ќе бидат дел од „портфолио независно од монетарната политика“.
Целта е ЕЦБ да стекне „практично искуство“ со користењето на новата технологија како нејзин корисник.






