Акциите на данскиот фармацевтски гигант „Novo“ во понеделникот паднаа за дури 7 отсто, откако компанијата ги претстави новите амбиции за раст, со кои сака да ја врати позицијата на брзорастечкиот пазар на лекови против дебелина.
Компанијата се обидува да ги убеди инвеститорите дека може да се натпреварува во сè поконкурентниот сектор, во кој и самата беше меѓу пионерите.
„Novo“ планира до 2030-та година да пласира повеќе од пет лекови со потенцијал да станат „повеќекратни блокбастери“, а до 2035-та година да оствари повеќе од 150 милијарди дански круни, односно околу 23 милијарди долари, од продажбата на производи што моментално се во развој, заедно со приходите од постојното портфолио.
Компанијата очекува и растот на приходите во периодот од 2026-та до 2030-та година да биде во согласност со растот што го остваруваат другите компании во секторот, објави „CNBC“.
Акциите на „Novo“, кои се тргуваат на берзата во Копенхаген, во текот на денот паднаа за 7 отсто, но подоцна делумно ги надоместија загубите и се тргуваа со пад од 4,8 отсто.
„Инвеститорите се надеваа на некакво чудо во некој од проектите, кое би го свртело трендот на краток рок. Од очигледни причини, такво нешто не постои“, изјави за „CNBC“ Пер Хансон, економист за штедење во „Nordnet“.
На инвеститорскиот настан „Capital Markets Day“ во Лондон, извршниот директор на фармацевтската компанија, Мајк Дустдар, посочи дека „слонот во собата“ е фактот што семаглутидот – активната состојка во лековите за слабеење и дијабетес „Wegovy“ и „Ozempic“ – ќе ја изгуби клучната патентна ексклузивност на почетокот на следната деценија.
Патентот во САД истекува во 2032-ра година, а токму на американскиот пазар се остваруваат повеќе од половина од продажбите на овој лек.
„Губењето на ексклузивноста е она што ги преокупира повеќето луѓе, и тоа со право“, изјави Дустдар.
Тој додаде дека „Novo“ создала исклучително атрактивен пазар и дека сега речиси секоја голема или мала фармацевтска компанија се обидува да ѝ конкурира.
„Создадовме неверојатно атрактивен пазар и сега речиси секоја фармацевтска компанија, голема или мала, се обидува да ни конкурира. Мора да бидеме подготвени за тоа“, рече тој.
Дустдар пред инвеститорите го претстави и планот за диверзификација на компанијата. Тој нагласи дека „Novo“ не ја потценува загубата на ексклузивните права, ниту предизвиците што ќе произлезат од тоа, особено кога станува збор за притисокот врз цените.
„Планираме по истекот на ексклузивните права да излеземе како поголема компанија од онаа што сме денес и како многу подиверзифицирана верзија на самите себе“, изјави Дустдар.
Пред отворањето на берзата во понеделникот, акциите на „Novo“ беа во пад од 27 отсто во последните 12 месеци. Во истиот период, акциите на нејзиниот главен конкурент во САД, „Eli Lilly“, пораснале за 52 отсто.
„Eli Lilly“ во меѓувреме освои мнозински удел на пазарот на инјекциски GLP-1 препарати со лековите „Mounjaro“ и „Zepbound“, иако тие беа пуштени на пазарот неколку години по данските лекови, објави „CNBC“.
Иако „Novo“ на почетокот од годинава со голем успех ја пушти таблетата „Wegovy“ на американскиот пазар, инвеститорите и натаму се претпазливи во поглед на шансите компанијата повторно да ја зацврсти својата позиција.
„Novo“ ја пласира таблетата и на други пазари, но таа сè уште претставува само мал дел од вкупната продажба на компанијата.
Загриженоста кај инвеститорите дополнително се зголеми по серијата неуспеси во клиничките испитувања и промените во раководството во текот на минатата година.
Минатата недела компанијата објави дека го менува името од „Novo Nordisk“ во „Novo“ и дека ја обновува корпоративната култура.
Дустдар за „CNBC“ изјави дека овие промени се „делови од истиот пакет“ мерки со кои компанијата сака да одговори на жестоката конкуренција од „Lilly“.






