АЛТА банка е нов спонзор на КК МЗТ Скопје Аеродром, со што започнува партнерство насочено кон поддршка на македонскиот спорт и промоција на вредностите што ги обединуваат спортот и успешното деловно работење – посветеност, дисциплина, тимски дух и континуиран стремеж кон подобри резултати.
Соработката беше официјализирана на денешната прес-конференција одржана во Спортскиот центар „Јане Сандански“, во присуство на претставници на АЛТА банка и раководството на клубот.
МЗТ Скопје е клуб со голема традиција, силен идентитет и значајно место во македонската кошарка, со континуирани амбиции на домашната, регионалната и европската сцена. Токму во таквиот пристап АЛТА банка препозна партнер со кој може да изгради соработка што оди подалеку од класично спонзорство.
„За АЛТА банка претставува големо задоволство што ја официјализираме соработката со МЗТ Скопје – клуб со голема традиција, силен идентитет и препознатливост, кој оставил силен печат во македонската кошарка. Како банка која расте и се развива и гради сè посилно присуство во македонскиот финансиски систем и општеството, сакаме да бидеме активен дел од заедницата во која работиме. Веруваме дека улогата на една компанија не завршува со услугите што ги нуди, туку подразбира и поддршка на спортот, младите, позитивните примери и организациите кои создаваат вредност и ги обединуваат луѓето. Нашата желба е ова да не биде само класично спонзорство, туку активно и динамично партнерство преку кое заеднички ќе создаваме дополнителна вредност за клубот, навивачите, клиентите на АЛТА банка и пошироката заедница“, изјави Стефан Николиќ, член на Управниот одбор на АЛТА банка.
Од МЗТ Скопје ја потенцираа важноста на влегувањето на АЛТА банка во партнерското семејство на клубот и подготвеноста за долгорочна соработка.
„Радува фактот што една компанија која и во својот корпоративен идентитет силно го препознава спортот и кошарката, како на локално така и на регионално ниво, ги препозна начинот на функционирање и амбициите на КК МЗТ Скопје. Со АЛТА банка во нашето семејство добиваме уште една сериозна компанија, подготвена да ги следи амбициите на клубот не само во оваа сезона, туку и на среден и долг рок. Веруваме дека заедно ќе продолжиме да ги градиме успесите на домашен и регионален план, а оваа сезона, по подолг период, и на европската сцена преку настапите во ФИБА натпреварувањата“, изјави Никола Трајчевски, Претседател на Одборот на директори на КК МЗТ Скопје.
Со партнерството со МЗТ Скопје, АЛТА банка ја продолжува својата определба да биде активен поддржувач на спортот и иницијативите кои носат позитивни вредности во заедницата. За банката, ова е почеток на соработка која треба да расте заедно со амбициите на клубот и да создава нови можности за МЗТ Скопје, неговите навивачи, клиентите на АЛТА банка и пошироката заедница.
АЛТА банка и МЗТ Скопје со заедничка енергија влегуваат во новото партнерство – со амбиција за нови успеси, посилна поддршка на спортот и создавање вредност што оди подалеку од кошаркарскиот терен.






