Возењето велосипед до работното место може да придонесе за подобро физичко и ментално здравје на вработените, намалено отсуство од работа и пониски трошоци за социјалното осигурување и компаниите, според студиите презентирани за време на вебинар организиран од работодавачи кои се занимаваат со велосипедизам и Француската федерација на корисници на велосипеди (FUB).
Истражувачите наведоа дека вкупниот ризик од смрт се намалува за околу 10 проценти кај луѓето кои возат велосипед 100 минути неделно, односно еден час и 40 минути.
„Ова значи дека дури и кога ќе го земеме предвид ризикот од паѓања или загадување на воздухот, целокупниот резултат е сепак во голема мера корисен“, рече истражувачот и специјалист за здравствените ефекти од климатските политики, Кевин Жан.
Според него, физичката активност придонесува за намалување на ризикот од кардиоваскуларни заболувања, хипертензија, фрактури, дијабетес тип 2, рак, депресија и анксиозност, и го подобрува сонот, когнитивните функции, здравјето на коските и мускулите и менталното здравје.
Една студија покажа дека ако 25 проценти од кратките патувања со автомобил помали од пет километри се заменат со возење велосипед, околу 2.000 смртни случаи би можеле да се избегнат годишно.
Студиите, исто така, покажаа дека возењето велосипед до работа е поврзано со помалку отсуства од работа.
Анкета од 2010 година на околу 1.000 Холанѓани покажа намалување од 15 проценти на отсуства од работа кај вработените кои возеле велосипед до работа.
Друга студија, спроведена на 28.000 вработени во Финска од 2019 до 2022 година, покажа дека отсуствата од работа се намалиле за осум до 12 проценти кај оние кои возеле велосипед најмалку 60 километри неделно.
Долгорочните боледувања се намалиле за 18 проценти.
Студија на 800 учесници во Велика Британија во 2016 година покажа дека велосипедистите имале просечно еден ден помалку отсуство од работа годишно, со подобрено ментално здравје.
Трошоците за отсуство поради болест, повреди поврзани со работата и професионални болести го чинат францускиот систем за социјално осигурување речиси 18 милијарди евра до 2025 година.
Според анализата на економистот и професор Лоран Капелети, отсуството од работа ја чини француската економија повеќе од 100 милијарди евра годишно, или околу три проценти од БДП.
Затоа, некои работодавци воведуваат мерки за охрабрување на вработените да доаѓаат на работа со велосипед.
Фондот за основно здравствено осигурување на Горна Гарона (CPAM) го подобри просторот за паркирање велосипеди и отвори простор со алатки за самостојни помали поправки, а на вработените им се обезбедуваат и бесплатни закажувања за поголеми поправки кај мајстор.






