Автобусот некогаш беше нешто што не се ни преиспитуваше. Се оди на работа, се фаќа автобус. Се оди на факултет, нормално со автобус. До центар, до лекар, до друг дел од градот, повторно автобус. Денес сликата полека се менува, а најновите бројки покажуваат дека тоа не е само впечаток.
Во вториот квартал од 2026 година бројот на превезени патници во патниот патнички превоз во Македонија е намален за 7,9% во споредба со истиот период минатата година. Во градскиот и приградскиот превоз биле регистрирани околу 8,06 милиони патници, додека националниот и меѓународниот патен превоз имал околу 1,16 милиони.
Причината не може да се прочита директно од статистиката. Не знаеме колкав дел од падот е поради нередовни линии, колкав поради поголемо користење автомобили, такси или други форми на превоз, ниту колкав дел е последица на демографските промени. Но трендот отвора интересно прашање – ако јавниот превоз губи патници, со што ги заменуваме тие патувања?
„Не ми пречеше автобусот. Ми пречеше што не знаев дали ќе стигнам во 8:10 или во 8:40. На крај почнав да одам со кола, иако ме чини повеќе“, вели за Денар нашиот соговорник Игор кој живее на периферијата.
За човек што секој ден оди на работа, цената не е единствената работа што ја пресметува. Тука се времето, точноста, преседнувањето, паркирањето и едноставно прашањето на кој начин најсигурно ќе стигнам таму каде што сум тргнал?
Затоа падот од 7,9% можеби е поинтересен отколку што изгледа. Јавниот превоз не е само прашање колку автобуси има на улица. Тој е и економска одлука што милиони пати годишно ја носат граѓаните: автобус, автомобил, такси или нешто четврто.
А кога сè повеќе луѓе ќе изберат друга опција, тоа веќе не е само нивна лична одлука. Тоа почнува да го менува и градот.
Б.С.






