МАКЕДОНИЈА

Бизнис што мириса на милиони: Овчарството веќе не е само млеко и јагниња

Кога во Македонија ќе се спомне овчарство, првата слика е прилично позната. Стадо на бачило, јагниња напролет, овчо млеко, сирење и вечната мака со откупот. Но во светот постои и сосема поинаков дел од овој бизнис, каде што една овца може да чини колку солиден автомобил, а добро одбрано стадо да вреди милиони денари.

Станува збор за специјализирано одгледување чистокрвни и ретки раси, меѓу кои посебно внимание привлекува “вале црноносеста овца”, позната по белата долга волна, црните делови на лицето и нозете и необичниот изглед.

Расата потекнува од швајцарскиот регион Вале и добро поднесува сурови планински услови. Станува збор за силни животни кои традиционално се одгледувале за месо и волна, но со текот на времето нивниот специфичен изглед ги направил исклучително барани и меѓу одгледувачите на украсни и ретки раси.

Според податоците што се појавуваат на специјализираниот пазар, примероци со квалитетно потекло можат да достигнат цена од неколку илјади евра, додека за исклучително вредни женски грла се наведуваат суми и до 25.000 евра. Цената зависи од педигрето, чистотата на крвната линија, возраста, изгледот и квалитетот на животното.

Тоа значи дека само едно врвно грло може да вреди повеќе од милион денари.

Но тука има една важна работа. Не значи дека секој што ќе купи десет овци автоматски станува милионер.

„Најголемата вредност кај ваквото производство не е само во месото или млекото, туку во генетиката, педигрето и можноста за понатамошно размножување“, е логиката на која се темели одгледувањето скапи чистокрвни животни.

За македонски услови ова би било сосема поинаков модел од класичното овчарство. Кај нас главниот приход од овците и натаму се бара преку јагнињата, млекото и млечните производи. Официјалните податоци покажуваат дека производството на овчо млеко во 2025 година пораснало за околу четири проценти во однос на претходната година. Од земјоделскиот сектор посочуваат дека поголемото производство не мора секогаш да значи и поголем број грла.

„Може да се зголеми продукцијата иако има стагнација на бројната состојба, доколку се работи на генетскиот потенцијал и исхраната“, беше посочено при објавувањето на податоците за сточарското производство.

Токму генетиката е клучниот збор и кај скапите раси.

Познавачите на сточарството одамна предупредуваат дека разликата меѓу обично чување овци и сериозен одгледувачки бизнис е огромна. Потребни се селекција, ветеринарна грижа, правилна исхрана, евиденција на потеклото и пазар на кој таквите животни навистина можат да се продадат.

И тука е најголемата замка. Ако нема купувач што ќе плати неколку илјади евра за чистокрвно грло, високата цена на хартија не значи многу.

Од друга страна, за земјоделец кој има услови, знаење и пристап до специјализирани пазари, ваквото овчарство покажува дека заработката од стадото не мора секогаш да се мери само во литри млеко и килограми јагнешко.

Понекогаш најскапото нешто во трлото е педигрето.

Б.З.М.