На прв поглед, пад на цените на земјоделските производи звучи како добра вест. Ако нешто поевтинува кај производителот, логично е да очекуваме дека барем дел од тоа поевтинување ќе го почувствуваме и кога ќе застанеме пред рафтот во продавница или на тезгата.
Но најновите бројки на Државниот завод за статистика откриваат една прилично необична слика.
Во август годинава, во споредба со август 2025 година, цените на она што земјоделството го произведува и го продава се намалени за 2,2 проценти.
Во истиот период, цените на она што му е потребно на земјоделецот за да произведува се зголемени за 7 проценти.
Преведено од статистички на народен јазик, од едната страна ви станува поскапо да произведете, а од другата страна производот што сте го произвеле го продавате по пониска цена.
И тука веќе не зборуваме за мала разлика.
Ако двата индекса ги земеме само како илустрација на движењето, а не како директна пресметка на профитната маржа, разликата меѓу годишната промена на влезните и излезните цени е 9,2 процентни поени.
Тоа не значи дека заработката на секој земјоделец се намалила за 9,2%. Таков заклучок од овие податоци не може да се извлече, бидејќи различни производители имаат различна структура на трошоци, приноси, продажни цени и субвенции. Но насоката е тешко да се игнорира.
Поскапо производство, поевтин производ
Кога ќе се влезе подлабоко во податоците, сликата станува уште поинтересна. ДЗС ги дели трошоците, односно инпутот во земјоделството, на две големи групи. Цените на тековно потрошените средства во август се 6,8% повисоки од истиот месец минатата година.
Уште повеќе поскапеле средствата наменети за инвестиции во земјоделството – 9% за една година.
Од другата страна на равенката е она што излегува од нивата, овоштарникот, фармата или шталата. Цените на растителното производство се намалени за 2,4%, а кај добиточното производство падот изнесува 1,6%.
И токму тука се појавува прашањето што е многу поважно од самата статистика.
Ако производството станува поскапо, а производителот добива пониска цена за својот производ, колку долго може да се затвора таа сметка?
Замислете го тоа како мал бизнис. Минатата година сте имале одредени трошоци за да произведете нешто и одредена цена по која сте го продавале. Една година подоцна дел од вашите производствени трошоци се повисоки, инвестициите се поскапи, а пазарната цена на она што го произведувате оди во спротивна насока.
Во обичен бизнис тоа се нарекува притисок врз маржата.
Во земјоделството проблемот е уште покомплициран, затоа што производителот не може едноставно да одлучи дека доматот, грозјето или јаболкото ќе ги чува шест месеци додека не добие цена што му одговара. Кај голем дел од производството постои рок во кој производот мора да се продаде, а производителот често има многу послаба преговарачка позиција од следните учесници во синџирот.
Но има уште една страна од приказната. Потрошувачот веројатно ќе праша – Ако цените кај земјоделското производство паднале, зошто јас тоа не го чувствувам кога пазарам?
Тука мора да бидеме внимателни. Индексот на земјоделскиот аутпут не е исто што и цената на каса во маркет. ДЗС го дефинира како индекс на производството од земјоделскиот сектор што е откупено или продадено надвор од секторот. Од производителот до потрошувачот има транспорт, складирање, сортирање, пакување, преработка, големопродажба, малопродажба, загуби и маржи.
Затоа пад од 2,2% кај земјоделскиот аутпут не значи автоматски дека храната во продавниците треба да биде за 2,2% поевтина.
Всушност, најновите податоци за потрошувачките цени покажуваат нешто друго. Во август, храната и безалкохолните пијалаци на ниво на потрошувач поскапеле за 0,5% само во однос на јули. Вкупната месечна инфлација исто така била 0,4%.
И токму тука станува интересна целата приказна. На едниот крај имаме земјоделец кому производството му станува поскапо, додека цената на неговиот производ статистички оди надолу. На другиот крај имаме потрошувач кој сè уште не чувствува некое општо поевтинување на храната.
Некаде меѓу нив е целиот синџир од нива до каса.
Овие податоци сами по себе не кажуваат кој во тој синџир заработува повеќе или помалку и не би било коректно без дополнителни податоци да се впери прст во откупувачите, трговците или некој друг. За таков заклучок би ни требале податоци за конкретни производи, откупни цени, големопродажни и малопродажни цени и маржи.
Но бројките покажуваат нешто друго што е доволно важно. Во август 2026 година македонското земјоделство се нашло во ситуација во која влезните цени растат, а излезните паѓаат. И ако таквата разлика продолжи подолг период, прашањето повеќе не е само колку ќе чини килограм домати или пиперки, туку колку ќе му се исплати на човекот што ги произведува да продолжи да ги произведува.
Автор: Бранко Стојкоски



