ПочетнаЕКОНОМИЈАСВЕТКој е Чарлс Понзи? Ветувал богатство за само 45 дена, а на...

Кој е Чарлс Понзи? Ветувал богатство за само 45 дена, а на крајот умрел со 75 долари

По Првата светска војна, масовната девалвација на валутите низ Европа предизвикала голема нестабилност на девизните курсеви.

Додека многумина во тоа гледале економска криза, Чарлс Понзи, италијански доселеник во САД, видел можност за брзо збогатување. Неговата финансиска измама од 1920-та година станала толку озлогласена што сличните измами и денес се нарекуваат „Понзи шема“.

Идејата со поштенските купони и лажните ветувања

Сè започнало кога Светскиот поштенски сојуз ги вовел Меѓународните купони за одговор. Овие купони се купувале во една земја, а во друга можеле да се заменат за поштенски марки во соодветна противвредност.

Понзи забележал дека поради повоените девизни курсеви, купоните купени во Европа вредат значително повеќе кога ќе се наплатат во САД.

Сфатил дека со големопродажна трговија со овие купони би можел да се збогати. Ги убедил првите инвеститори да му дадат пари, ветувајќи им неверојатна заработка – профит од 50 отсто за само 45 дена или 100 отсто за 90 дена.

Меѓутоа, Понзи всушност не тргувал со купоните во големи размери. Поради инфлацијата во Италија и разликите во девизните курсеви, тој тврдел дека остварува огромна заработка преку арбитража, но во реалноста во светот немало ниту приближно доволно отпечатени купони за да се покрие таков обем на работење.

Наместо тоа, со парите од новите инвеститори ги исплаќал старите.

Како што почнала да се шири веста за големата заработка, во неговата компанија „Securities Exchange Company“ дневно се слевале стотици илјади, па дури и милиони долари.

Во шемата инвестирале сите – од обични работници и имигранти, преку полицајци од Бостон, па сè до богати поединци.

Сомнежите на новинарите и почетокот на крахот

Брзиот подем на Понзи го привлекол вниманието на поштенските инспектори, но и на новинарите.

Финансиски експерти и весникот „Boston Post“ почнале да поставуваат сериозни прашања. Тие пресметале дека за да се покријат сите договори што биле во оптек, би биле потребни дури 160 милиони поштенски купони, додека во реалноста постоеле само околу 27.000.

Соочен со написите во весниците, Понзи се обидел да ја смири ситуацијата.

На 26-ти јули 1920-та година свикал состанок со властите и предложил тие да извршат ревизија на неговите деловни книги. За да им ја олесни работата, доброволно се согласил да престане да прима нови инвестиции додека трае проверката.

Токму овој потег предизвикал паника.

Уште следниот ден, исплашени инвеститори ја преплавиле неговата канцеларија барајќи ги своите пари назад.

Понзи во првите неколку дена успеал да исплати милиони долари за да создаде привид на сигурност, но приливот на нови пари запрел.

Банкрот, затвор и бегство на Флорида

Крахот бил неизбежен. На 9-ти август 1920-та година, комесарот за банки на Масачусетс ѝ забранил на банката „Hanover Trust“ да продолжи да ги исплаќа чековите на Понзи, а група инвеститори поднела барање за негов банкрот.

Официјалната ревизија покажала дека Понзи бил во долгови од најмалку 7 милиони долари.

Понзи бил обвинет за финансиска измама преку пошта. Тој признал вина и бил осуден на пет години затвор во федерален затвор.

Поради измамата, инвеститорите изгубиле околу 20 милиони долари според тогашната вредност, а пропаднале и пет банки.

Откако одлежал дел од казната, бил обвинет и на државно ниво во Масачусетс, каде што бил осуден на дополнителни седум до девет години затвор.

Додека бил на слобода со кауција и ја чекал жалбената постапка, Понзи побегнал на Флорида.

Таму повторно започнал измама под името „Charpon Land Syndicate“, продавајќи им на инвеститорите безвредно и мочуришно земјиште со ветување за огромен профит.

Повторно бил уапсен и осуден на една година затвор.

По неуспешниот обид да ја напушти земјата со товарен брод под лажен идентитет, повторно бил уапсен и вратен во Масачусетс за да го одлежи остатокот од затворската казна.

Животот во егзил и тажниот крај

Откако излегол од затвор во 1934-та година, Понзи бил официјално депортиран во Италија.

Неговата сопруга Роуз останала во САД, а подоцна се развела од него.

Во Италија повторно се обидувал со различни деловни идеи, но без успех. Подоцна заминал во Бразил, каде што извесно време работел за италијанската авиокомпанија „Ala Littoria“, сè додека таа не престанала да работи за време на Втората светска војна.

Последните години од животот ги поминал во голема сиромаштија во Рио де Жанеиро, повремено работејќи како преведувач.

Го загубил видот на едното око и останал делумно парализиран.

Чарлс Понзи починал на 18-ти јануари 1949-та година во болница за сиромашни.

Зад себе оставил само 75 долари, пари што едвај биле доволни за да ги покријат трошоците за неговиот погреб.