ПочетнаКОМПАНИИГолема инвестиција на „McLaren“, 500 милиони фунти за нова фабрика и нови...

Голема инвестиција на „McLaren“, 500 милиони фунти за нова фабрика и нови работни места

„McLaren Automotive Ltd“ планира да отвори нова фабрика во Велика Британија, додека производителот на суперавтомобили се подготвува да го пушти во продажба својот прв „SUV“. Тоа е позитивен сигнал за британскиот премиер Енди Барнам, само неколку дена откако „Jaguar Land Rover“ (JLR) објави дека ќе укине илјадници работни места, објави „Bloomberg“.

„McLaren“ соопшти дека до 2032-ра година ќе создаде 1.000 нови работни места, со инвестиција од 500 милиони фунти (674 милиони долари) во нов погон за монтажа, во седиштето на компанијата во Вокинг, Сари, каде што ги произведува своите спортски автомобили, како и во производствен погон за јаглеродни влакна во Шефилд.

„Локацијата на новата фабрика сè уште се утврдува“, изјави главниот извршен директор Ник Колинс за „Bloomberg“.

Инвестицијата ќе ѝ даде поддршка на британската автомобилска индустрија, која се соочува со проблеми, и доаѓа откако JLR најави планови за укинување на 4.000 работни места.

Високите трошоци низ Европа извршија притисок врз производителите на автомобили во регионот, но растот на трошоците за енергија во Велика Британија го направи производството особено голем предизвик. Во меѓувреме, Барнам се обидува да ја зголеми вработеноста, особено кај младите.

„Инвестицијата ќе „создаде квалитетни места за обука на млади кадри, работни места и ќе го поттикне растот далеку надвор од фабричките капии“, изјави премиерот по повод најавата.

Новиот сопственик на „McLaren“, компанијата „L’imad Holding Co“ од Абу Даби, се обидува да ја стабилизира компанијата, која со години се соочува со финансиски проблеми. Производителот мораше да побара итно финансирање од поранешните акционери поради доцнењата во лансирањето на моделот „Artura“.

Во последните години „McLaren“ бараше и други начини за обезбедување средства, меѓу кои продажба на средства како колекцијата историски автомобили и одделот за напредни технологии.

„L’imad“ неодамна ја презеде контролата врз компанијата, откако „CYVN Holdings LLC“ ја префрли сопственоста на друга државна организација, која сега го поседува и кинескиот производител на електрични возила „Nio Inc“.

Автомобилската индустрија во Европа „се менува, а најлошото нешто што можете да го направите е да го негирате тоа и да чекате промените да стигнат до вас“, предупреди Колинс.

Главниот извршен директор планира да го прошири присуството на „McLaren“ и надвор од кругот на најверните љубители на трките со првиот „SUV“ на компанијата, со што моделот ќе се натпреварува со брендови како „Ferrari NV“ и „Lamborghini“.

Новиот модел ја нагласува тенденцијата на производителите на спортски автомобили да навлегуваат во овој сегмент.

Производството на „SUV“ е очигледен избор, истакна главниот оперативен директор Мајкл Строан.

„Познати сме по суперавтомобилите со мотор поставен назад и погон на задните тркала, но токму поради тоа го ограничуваме бројот на модели што можеме да ги произведуваме“, додаде тој.

„McLaren“ моментално произведува околу 2.200 автомобили годишно.

Компанијата размислувала за изградба на фабрика и во други европски земји, но на крајот ја избрала Велика Британија.

„Владата нема да обезбеди финансиска поддршка како дел од инвестицијата“, нагласи Колинс.

„McLaren“ исто така соопшти дека во иднина ќе произведува сопствени мотори, наместо нивното производство да го доверува на надворешни компании.

ТРЕНДИНГ

НАЈНОВИ ВЕСТИ