ПочетнаЕКОНОМИЈАСВЕТЛагард: Скокот на цените на енергенсите не значи автоматски повисоки камати

Лагард: Скокот на цените на енергенсите не значи автоматски повисоки камати

Претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ), Кристин Лагард, пред министрите за финансии на еврозоната изјави дека скокот на цените на енергенсите не значи автоматски затегнување на монетарната политика на централната банка.

„Каматните стапки не се движат во синхрон со цената на енергенсите“, нагласи Лагард, пренесе „Bloomberg“.

Таа додаде дека цените на енергенсите и нивното влијание врз пошироките цени влијаат и врз други фактори, вклучително и економскиот раст и потрошувачката.

„И ние ги земаме предвид сите овие елементи, при што механизмот на синхронизирано движење не е оној што всушност се применува“, рече Лагард.

Таа зборуваше по неформалниот состанок на министрите за финансии на еврозоната во Даблин, Ирска, која во втората половина на 2026-та година претседава со Европската Унија.

Во услови на очекувања дека неодамнешниот раст на цените на нафтата и природниот гас ќе ја забрза инфлацијата на околу 4 отсто, пазарите предвидуваат најмалку уште три зголемувања на каматите од по 25 базични поени од страна на ЕЦБ во текот на следната година.

Некои претставници на централната банка сигнализираа дека се подготвени дополнително да ја затегнат монетарната политика, но не го наведоа точниот број чекори.

Прогнозите на ЕЦБ објавени минатата недела покажаа раст на потрошувачките цени од 3 отсто годинава и 2,5 отсто следната година, што е значително над целта од 2 отсто.

Во исто време, економијата на еврозоната се покажа поотпорна на конфликтите на Блискиот Исток и енергетскиот шок што ги придружува.

„Преземаме одмерен одговор на актуелната ситуација и развиваме сценарија за да процениме какви би биле последиците од одредени променливи“, нагласи Лагард.

„Се наоѓаме во добра позиција да реагираме на повеќе податоци, повеќе информации и повеќе бројки, за да имаме добра проценка на промените“, додаде таа.

Претходно овој месец, шефицата на ЕЦБ посочи дека конфликтот на Блискиот Исток и последните случувања поврзани со војната на Русија против Украина довеле до дополнително зголемување на очекуваната траекторија на цените на енергенсите.

Според неа, тоа веројатно ќе ја задржи вкупната инфлација значително над целното ниво во првата половина на 2027-ма година.

За базичната инфлација, односно инфлацијата без нестабилните компоненти како храната и енергенсите, основното сценарио на ЕЦБ предвидува стапка од 2,5 отсто во 2026-та година, 2,6 отсто во 2027-ма година и 2,3 отсто во 2028-ма година.

Во споредба со јунските проекции, основната прогноза за инфлацијата во 2026-та година останува непроменета, додека прогнозите за 2027-ма и 2028-ма година се ревидирани нагоре.