Англиската централна банка (BoA) во четвртокот ги задржа каматните стапки на 3,75 отсто, и покрај тоа што инфлацијата во земјата значително се забрза над целта од 2 отсто, објави „CNBC“.
Според податоците на „LSEG“, пазарите проценувале на 76 отсто веројатност дека централната банка денеска ќе ги остави трошоците за задолжување непроменети. Сепак, се очекува на следниот состанок во ноември да следува зголемување од најмалку 25 базични поени.
Одлуката за задржување на каматите без промена се разликува од потезите на другите големи централни банки. Во средата, американската Федерална резерва ја зголеми каматната стапка за 25 базични поени, што беше прво затегнување на монетарната политика од 2023-та година.
Минатата недела Европската централна банка (ЕЦБ) по вторпат годинава ги зголеми трошоците за задолжување, откако во јуни првпат по три години ги зголеми каматите.
Се очекува и Јапонската централна банка да ја зголеми основната каматна стапка на крајот од дводневниот состанок во петок.
АЦБ годинава досега не ја менувала основната каматна стапка. Последната промена беше во декември, кога стапката беше намалена за 25 базични поени.
Податоците објавени во средата покажаа дека инфлацијата во Велика Британија во август се забрзала на 3,1 отсто, што е прво нејзино зголемување над 3 отсто од март наваму.
Британската Национална статистичка служба (ONS) соопшти дека растот во голема мера се должи на повисоките цени на автомобилските горива, кои на годишно ниво се зголемиле за 23 отсто.
Како нето-увозник на енергенси, Велика Британија е особено изложена на надворешни шокови и сè уште се справува со кризата со трошоците за живот предизвикана од инфлацијата по пандемијата на ковид-19 и влијанието на војната во Украина врз снабдувањето со природен гас.
Глобалните стравувања поврзани со инфлацијата, политичката нестабилност и загриженоста околу фискалната политика на Велика Британија годинава извршија притисок врз британските државни обврзници.
Велика Британија има највисоки трошоци за државно задолжување меѓу земјите од Г-7, при што приносите на долгорочните 20- и 30-годишни државни обврзници се приближуваат до 6 отсто.






