ПочетнаЕКОНОМИЈАСВЕТБанкарското финансирање на енергетиката достигна рекордни 2,3 трилиони долари

Банкарското финансирање на енергетиката достигна рекордни 2,3 трилиони долари

Светските банки минатата година издвоиле 15 отсто повеќе капитал за енергетскиот сектор во споредба со 2024 година, при што организирале и гарантирале зделки во вредност од 2,3 трилиони долари, покажува ново истражување на „BloombergNEF“.

„Во услови на зголемена побарувачка, поттикната од центрите за податоци со вештачка интелигенција, технологиите за ладење и ширењето на електричните возила, банките го зголемиле финансирањето за нискојаглеродни проекти за 16 отсто. Вредноста на овие зделки достигнала највисоко ниво во последните пет години“, објави „BNEF“.

Во исто време, зделките поврзани со фосилни горива – нафта, гас и јаглен – минатата година се зголемиле за 13 отсто, се наведува во извештајот.

Истражувањето ја покажува улогата на глобалниот финансиски систем во спроведувањето на транзицијата кон економија со ниски јаглеродни емисии. „BNEF“ проценува дека за да се постигнат нето-нула емисии, банките треба да насочат 4 долари кон чиста енергија за секој 1 долар што го издвојуваат за фосилни горива.

Засега банкарскиот сектор е далеку од оваа цел. Според истражувањето на „BNEF“, врз основа на податоците за 2025-та година, банките издвоиле само 97 центи за чиста енергија на секој 1 долар насочен кон фосилни горива.

Нискојаглеродното финансирање речиси се изедначува со финансирањето за фосилни горива. Графикон: „Bloomberg“

Сепак, главните податоци прикриваат значителни регионални разлики. Банките од Волстрит, на пример, значително заостануваат зад европските банки.

Од големите северноамерикански банки опфатени во анализата на „BNEF“, сите освен „Citigroup Inc“ го зголемиле обемот на капиталот насочен кон енергетскиот сектор. Сепак, поголем дел од финансирањето бил наменет за снабдување со енергија од фосилни горива, објави „BNEF“.

Во Европа, „NatWest Group Plc“ се издвојува како банка со најголем обем на вложуваа во зелени зделки во однос на средствата насочени кон фосилни горива.

Банката издвојувала 6,42 долари за чиста енергија на секој 1 долар наменет за фосилни горива, покажува анализата на „BNEF“.

Во азиско-пацифичкиот регион, „Mitsubishi UFJ Financial Group Inc“ останува најголемата банка според зделките поврзани со снабдување со енергија минатата година, според BNEF“.

Податоците покажуваат и дека поголемиот дел од финансирањето на енергетскиот сектор од страна на банката минатата година бил насочен кон фосилни горива.

Во исто време, Азија „покажува јасна поделба меѓу јапонските и кинеските банки“, наведува „BNEF“. Од десетте кинески банки опфатени во истражувањето, повеќе средства биле издвоени за чиста енергија отколку за фосилни горива.

„Agricultural Bank of China“ бележи најголемо подобрување во односот на финансирањето, со 3,44 долари вложени во чисти технологии на секој 1 долар наменет за фосилни горива, соопшти „BNEF“.

На глобално ниво, „JPMorgan Chase & Co“ издвојува повеќе средства од која било друга банка за конвенционалниот енергетски сектор.

„Додека финансирањето за нискојаглеродни проекти благо се намалува, обемот на финансирањето за фосилни горива продолжува да расте“, наведува „BNEF“.

Поради тоа, „JPMorgan“ издвојувал само 63 центи за чиста енергија на секој 1 долар наменет за фосилни горива.

ТРЕНДИНГ

НАЈНОВИ ВЕСТИ