Занаетчиската комора на Македонија, предводена од претседателот Агрон Фазлији, одржа работен состанок во Управата за јавни приходи. На состанокот со директорката на УЈП, Елена Петрова, но и заменик-директорката Тања Анчевска, заменик-раководителката на секторот Елена Тафчиевска и раководителот на Секторот за МПИН-пресметки, Кристијан Ристевски, беа разгледани актуелните прашања поврзани со новиот начин на пресметување и плаќање на придонесите за занаетчиите – паушално оданочени даночни обврзници.
Според информациите посебно внимание беше посветено на барањата и практичните проблеми со кои се соочуваат занаетчиите по најновите измени на законското решение за плаќање на паушалниот данок. Се отвори и прашањето за можноста за пријава и плаќање придонеси за неполно работно време односно четири часа дневно, постапувањето при боледување, бременост и породилно отсуство како и за овозможување пресметаните придонеси да се плаќаат директно од деловната трансакциска сметка на занаетчискиот субјект, врз основа на подготвената МПИН-пресметка, но и за обезбедување јасни, единствени и практично применливи упатства за занаетчиите, регионалните дирекции и сметководителите и на крајот за навремено подготвување и доставување на пресметките и решенијата за придонесите.
„Сите барања на Занаетчиската комора на Република Северна Македонија и на паушално оданочените занаетчии беа сериозно разгледани и прифатени од страна на УЈП. Договорено е нивно практично спроведување: дел од решенијата ќе започнат да се применуваат веднаш, додека останатите системски решенија ќе бидат имплементирани од 1 јануари 2027 година“, велат од Комората на занаетчии.
Тоа што е особено важно за занаетчиите, од Комората велат дека на состанокот било потврдено дека, почнувајќи од јули 2026 година, пресметките на придонесите за паушално оданочените занаетчии се изготвуваат бесплатно. Тоа значи дека занаетчиите не треба да плаќаат дополнителни трошоци на сметководители или консалтинг-агенции само за изготвување на пресметките за придонесите. Дополнително, договорено е од 1 јануари 2027 година занаетчиите од регионалните дирекции на УЈП да ги добиваат однапред подготвените пресметки за сите 12 месеци, заедно со соодветните решенија. Исто така меѓу прифатените барања е и можноста придонесите да се плаќаат директно од деловната трансакциска сметка на занаетчискиот субјект, со што ќе се надмине еден од најголемите практични проблеми со кои се соочија занаетчиите.
„За точниот начин и динамиката на примената на секое од прифатените решенија, занаетчиите ќе бидат навремено информирани преку официјални и единствени насоки. Овие решенија претставуваат значаен финансиски и административен бенефит за занаетчиите и важен чекор кон поедноставна, појасна и функционална постапка“, додаваат од Комората.
Одговорните од Занаетчиската комора уверуваат дека и натаму ќе продолжат активно, одговорно и посветено да ги застапуваат правата и интересите на сите занаетчии и да бараат конкретни решенија од надлежните институции.
И.П



