Замислете секој месец на сметката да ви легнуваат пари, а за нив да не сте отишле ниту еден ден на работа. Нема шеф, нема картичка за евиденција, нема чекање плата до 15-ти. Парите доаѓаат затоа што поседувате акции во компании кои дел од заработката им ја делат на своите акционери. Звучи убаво. Само што за таков живот прво треба да имате сериозен капитал.
Дивидендата, наједноставно кажано, е дел од добивката што компанијата одлучува да им ја исплати на сопствениците на акции. Ако фирмата заработила, тоа не значи автоматски дека целата добивка ќе ја подели. Дел може да остане за нови инвестиции, отплата на долгови или проширување на бизнисот. Одлуката за исплата ја носат органите на компанијата и акционерите.
Токму затоа купувањето акција што една година исплатила добра дивиденда не е билет за доживотна месечна плата.
„Исплатите на дивиденда се прилично сигурни, но не се загарантирани“, објаснува берзански познавач, посочувајќи дека има компании кои со години одржуваат редовна политика на исплата, но нивното работење сепак зависи од пазарот, трошоците и профитот.
Колку пари би биле потребни?
Тука приказната станува многу поприземна.
Да земеме пример со човек во Македонија кој сака од дивиденди да располага со околу 40.000 денари месечно. Тоа се 480.000 денари годишно.
Ако неговото портфолио носи просечен бруто дивиденден принос од 5 проценти годишно, математиката покажува дека би бил потребен капитал од над 9,5 милиони денари само за бруто приход од околу 480.000 денари. Но тука влегува и данокот.
Според важечките правила, доходот од капитал е предмет на данок на личен доход, а општата стапка во Македонија е 10 проценти. Тоа значи дека за нето сума блиска до 40.000 денари месечно потребната инвестиција би била уште поголема, околу 10,7 милиони денари при принос од 5 проценти.
Ако приносот е 4 проценти, потребниот капитал се качува на околу 13,3 милиони денари.
Не се ставаат сите пари во една фирма
Познавачите на пазарот предупредуваат дека најголемата грешка би била целата заштеда да се вложи во една компанија само затоа што претходната година исплатила висока дивиденда.
„Со пошироко портфолио се зголемува диверзификацијата и се намалува ризикот“, е ставот на берзанските аналитичари.
Причината е едноставна. Една компанија може да има лоша година, друга да ја намали дивидендата, трета воопшто да не исплати. Истовремено, може да падне и цената на самата акција.
Дивидендата, значи, не е камата на орочен депозит.
Кај странските акции работата може да биде дополнително посложена поради даночниот третман. Македонските резиденти се оданочуваат и за доход остварен во странство, а кога таму веќе е платен данок, во одредени случаи се применуваат правилата за даночен кредит и договорите за избегнување двојно оданочување.
За човек кој веќе располага со поголем капитал, дивидендите можат да создадат значаен дополнителен приход. За просечно македонско домаќинство, сепак, идејата веднаш да се замени платата со дивиденди е многу потешко остварлива.
Пореална е другата варијанта. Да се вложува постепено, дивидендите повторно да се инвестираат и портфолиото да расте со години.
Па еден ден можеби дивидендата нема да ја замени целата плата. Но може да плати сметки, рата за кредит, одмор… а со доволно капитал и многу повеќе.
Б.З.М.



