Намалувањето на штетата од тутунот, иднината на никотинските производи без чад, регулативата, научните докази и предизвиците поврзани со нелегалниот пазар беа во фокусот на годинешниот Глобален форум за тутун и никотин (GTNF), што се одржа во Лисабон. Една од клучните пораки од тридневниот собир беше дека технолошките иновации, сами по себе, не се доволни: нивното реално влијание ќе зависи од регулаторната рамка, квалитетот на научните докази и подготвеноста на различните чинители да учествуваат во отворен и конструктивен дијалог.
Форумот беше место на кое се собра претставниците на тутунската и никотинската индустрија, регулаторниот сектор, јавното здравство, академската заедница, инвеститорите и другите засегнати страни, отворајќи поширока дискусија за насоката во која се движи секторот. Во центарот на разговорите беа намалувањето на штетите од тутунот, регулацијата на новите производи, иновациите, одржливоста, меѓународната трговија, синџирите на снабдување и нелегалниот пазар.
Отворајќи го Форумот, претседавачката на конференцијата и претседателка на Конзорциумот за никотински ресурси, Бет Олива, нагласи дека предизвиците со кои се соочува секторот се премногу комплексни и меѓусебно поврзани за да може да ги реши една група сама. Според неа, од првиот состанок во Рио де Жанеиро во 2008 година, GTNF прераснал од класична конференција во инкубатор на идеи и платформа за поврзување на различни учесници.
Олива ја заокружи централната порака на годинешниот собир со повик да се премине „од разговори кон акција“ – идеите, контактите и дискусиите од конференцијата да се преточат во конкретни пристапи и решенија по нејзиното завршување.
Без регулатива нема одржлива иновација
Една од темите што се провлекуваше низ повеќе панел-дискусии беше брзината со која се развиваат новите никотински производи и прашањето дали регулаторните системи можат да го следат тоа темпо.
На панелот посветен на иновациите, учесниците истакнаа дека науката и технологијата повеќе не се единствените фактори што одредуваат дали еден производ ќе биде успешен и прифатен. Подеднакво важно е да се земат предвид регулаторните барања, стандардите за квалитет и безбедност, како и реалните потреби и очекувања на потрошувачите.
Нелегалниот пазар како пречка
Паралелно со иновациите, значаен простор на форумот доби и прашањето на нелегалната трговија. Учесниците предупредија дека растот на нелегалниот пазар на никотински производи може сериозно да ја загрози заштитата на потрошувачите, спроведувањето на регулативите и пошироките политики за намалување на штетите.
Ова прашање е тесно поврзано и со меѓународната трговија. На панелот за глобалниот трговски систем се дискутираше за сè посложеното опкружување во кое компаниите треба истовремено да одговорат на различни даночни системи, царински правила, здравствени прописи и национални барања.
Претставниците на индустријата посочија дека премногу сложените нетарифни бариери можат да ги зголемат трошоците и дополнително да ја поттикнат нелегалната трговија. Во исто време, регулаторните барања стануваат еден од клучните ризици за синџирите на снабдување, поради што компаниите сè повеќе треба навремено да ги предвидуваат регулаторните промени, наместо да реагираат дури откако тие ќе стапат на сила.
Наука и политика – кој на кого влијае?
На последниот ден од форумот беше отворено и чувствителното прашање за односот меѓу научните докази и јавните политики. Дел од учесниците изразија загриженост дека доказите што ги поддржуваат концептите за намалување на штетите и пофлексибилните регулаторни пристапи не секогаш добиваат соодветна тежина во процесот на креирање политики.
Од нови производи до климатска политика
Годинава форумот не остана само во рамките на дебатата за никотинот, производите и регулативата. Посебно внимание беше посветено и на климатските промени, одржливоста и начинот на кој овие теми сè повеќе стануваат дел од деловните стратегии.
Претставничката на „Филип Морис Интернешнл“, Никол Остин, зборуваше за потребата одржливоста да биде вградена во самите деловни одлуки, а не да се третира како издвоена корпоративна активност. Дискусијата се фокусираше на тоа како климатските ризици, регулаторните барања и соработката меѓу приватниот и јавниот сектор ќе ја обликуваат иднината на индустријата.
Тридневните разговори во Лисабон покажаа дека дискусијата за иднината на тутунската и никотинската индустрија сè помалку се сведува само на нови уреди и производи. Во центарот на дебатата сега се регулаторните правила, квалитетот и толкувањето на научните докази, нелегалниот пазар, глобалната трговија, одржливоста и прашањето кој треба да има улога во обликувањето на јавните политики.
Пораката што раководството на GTNF ја испрати уште на почетокот на состанокот — дека е време да се премине „од разговори кон дела“ — останува и најважното прашање по Лисабон: каква ќе биде таа акција и до кој степен ќе биде водена од независни научни докази, целите на јавното здравје, регулаторите, потрошувачите и самата индустрија.



