ПочетнаКАРИЕРАДобар кастрач на овошки денес вреди злато: Дневно може да заработи и...

Добар кастрач на овошки денес вреди злато: Дневно може да заработи и до 50 евра

Во овоштарникот нема многу простор за поправен испит. Едно погрешно кастрење, неколку лошо оставени гранки и штетата не се гледа веднаш, туку кога ќе дојде време за род. Токму затоа искусните резачи на овошки стануваат сè побарани, а оние што навистина го знаат занаетот можат солидно да заработат во текот на сезоната.

Во Македонија ова најдобро го знаат овоштарите од Преспа, но и производителите во Росоманско, Тиквешијата и другите земјоделски региони. Голем насад не се средува за едно попладне, а човек што има неколку хектари под овошје тешко може сè да заврши сам.

Кастрењето на прв поглед изгледа едноставно. Ножици во рака, гранка по гранка и работата оди. Само што не е баш така.

„Добриот кастрач мора да знае каде се родните, а каде лисните пупки, како се однесува секоја овошка и колку може да се скрати без да се направи штета. Не се сече сè по ист терк“, објаснуваат искусни овоштари.

Токму знаењето ја прави разликата меѓу обичен сезонски работник и човек што може да ја преземе одговорноста за цел насад.
Кај различни сорти и овошни видови се применува различен пристап. Јаболкницата не се третира исто како праската, кајсијата или крушата, а разлика има и меѓу одделни сорти од ист вид. Потребно е да се препознае која гранка ќе даде род, која ја задушува круната и која треба да остане за следната сезона. Лошата резидба може да го намали приносот и последиците да се чувствуваат повеќе години.

Затоа и добар мајстор не се станува преку ноќ.

„Може да се научи техниката релативно брзо, но за да работиш самостојно мора да поминеш многу дрвја низ раце. Треба да гледаш што си направил една година и каков резултат си добил следната“, велат познавачи на овоштарството.

Регионалното искуство покажува дека искусен кастрач во сезона може да заработи и до околу 50 евра дневно, особено кога има однапред договорени насади и постојани клиенти. Но таа заработка не доаѓа лесно. Се работи надвор, со часови на нозе, често на студено време, а од работникот се бара и брзина и прецизност.

И домашните анализи за сезонската работа покажуваат дека стручноста директно ја крева цената на трудот. Во едно истражување за сезонските работници во земјоделството се наведува дека дневницата за резидба може да достигне околу 2.000 денари, додека кај поспецијализирани работи, како калемење садници, заработката на посветен работник може да достигне од 4.000 до 5.000 денари дневно.

Проблемот е што луѓе за работа има сè помалку.

Тоа се гледа и при бербата. Во Преспа последните години овоштарите тешко обезбедуваат сезонски работници, па дневниците за берење јаболка се движеа и над 2.000 денари, а во одделни сезони стигнуваа и до околу 2.700 денари. Дел од газдите нудат и храна, превоз или сместување само за да обезбедат доволно раце за работа.

Кај кастрењето ситуацијата е уште поспецифична. Не е доволно некој само да сака да работи. Треба да знае што прави.

„Евтин работник може на крај да излезе најскап. Ако неправилно се исече насадот, загубата не е една дневница. Загубата е во родот“, велат овоштари.

Токму затоа луѓето што со години го усовршуваат кастрењето најчесто не чекаат оглас за работа. Ги бараат старите муштерии, еден овоштар ги препорачува на друг, а сезоната неретко им е договорена однапред.

Ножици, искуство и добро око. Навидум стар и едноставен занает, но кога ќе дојде време да се влезе во овоштарникот, добриот мајстор вреди пари.

Б.З.М.