ПочетнаЕКОНОМИЈАМАКЕДОНИЈАКолку пари дневно трошиме на храна?

Колку пари дневно трошиме на храна?

Кога ќе се соберат појадокот, ручекот и вечерата, плус овошје, јогурт, нешто за децата и по некое кафе или сок, семејната сметка за храна веќе одамна не е ситна ставка во домашниот буџет. На едно четиричлено семејство во Македонија, според последната пресметка на синдикалната минимална кошница, во август му биле потребни 25.032 денари месечно само за храна и пијалаци. Тоа се околу 807 денари дневно или нешто повеќе од 200 денари по член на семејството.

На хартија, 800 денари дневно можеби не звучат драматично. Но кога од тие пари треба да се обезбедат три оброци за четворица, пресметката брзо станува тесна. Леб, млеко, јајца, јогурт за појадок, месо или друго главно јадење со салата за ручек, нешто за вечера, овошје… и парите веќе се потрошени. Десерт, подобар кашкавал, риба или нешто што не било планирано лесно ја туркаат дневната сметка нагоре.

И статистиката покажува дека притисокот не исчезнува. Во август трошоците за храна и безалкохолни пијалаци биле за 0,5 проценти повисоки отколку во јули. Вкупната инфлација во истиот месец изнесувала 0,4 проценти на месечно ниво, додека во споредба со август минатата година трошоците за живот биле повисоки за 2,6 проценти.

Најдобро тоа се гледа пред каса. Купувачите сè почесто споредуваат грамажа, цена по килограм, акции и приватни трговски марки. Производ што порано автоматски завршувал во количката, денес прво се врти во рака, се гледа цената, па се бара поевтина варијанта. Наместо килограм, се купува половина. Наместо залиха за една недела, се зема колку за два или три дена.

Економистите кои ги следат потрошувачките навики забележуваат дека кај домаќинствата со послаби приходи изборот сè почесто го диктира цената, а не желбата што ќе има на трпезата.

„Луѓето не избираат виршли, паштета и тестенини затоа што не знаат што е здрава храна“, оценува економист кој ги анализира навиките на потрошувачите. Кога буџетот е ограничен, семејствата почесто посегнуваат по производи што заситуваат, можат подолго да стојат и од кои може да се подготви повеќе храна.

Затоа домашната математика почнува уште пред влегувањето во маркет. Се разгледуваат каталозите, се споредуваат цените меѓу продавниците, месото се купува кога е на акција, а сезонското овошје и зеленчук кога понудата е поголема. За едно семејство разликата од 20 или 30 денари на неколку производи можеби изгледа мала, но кога истото се повторува десетина пати во една набавка и неколку пати месечно, сумата веќе се чувствува.

Познавачите на социјалните политики укажуваат дека токму храната е една од ставките каде семејствата најбрзо се приспособуваат кога парите ќе станат куси.

„Кога имате ограничен буџет, не купувате според препорака, туку според тоа што ќе ве држи сити“, објаснува еден познавач на потрошувачката и животниот стандард.

А храната е само дел од сметката. Целата синдикална минимална кошница за четиричлено семејство во август достигнала 68.675 денари. Од нив најголемата поединечна ставка биле токму храната и пијалаците со 25.032 денари, а потоа следуваат образованието, облеката, домувањето, транспортот, комуникациите, хигиената и здравството.

Така дневната трпеза сè повеќе се планира со калкулатор. Што има дома, што е на попуст, што може да се зготви и за утре, што може да се прескокне. Некогаш се одело во продавница со список. Сега сè почесто се оди и со однапред утврдена сума во глава.

Б.З.М.