ПочетнаЕКОНОМИЈАМАКЕДОНИЈАОд нива директно на Фејсбук: земјоделците сами си ги бараат муштериите

Од нива директно на Фејсбук: земјоделците сами си ги бараат муштериите

Доматот веќе не мора прво да стигне на кванташки, пиперката не мора да чека тезга, а теглата ајвар може да најде купувач уште пред да биде спакувана. За дел од македонските земјоделци мобилниот телефон станува речиси исто толку потребен колку и тракторот. Фотографија од нивата, цена, телефонски број и неколку реченици на Фејсбук или Инстаграм. Потоа почнуваат пораките.

Во групите посветени на земјоделство и домашна храна денес може да се најде речиси сè. Овошје, зеленчук, мед, сирење, јајца, зимница, вино, сушени производи. Во последниот период зачестија и огласите во кои производителите ги повикуваат граѓаните сами да дојдат на нива и да си наберат овошје или зеленчук по пониска цена. Причината е практична: недостигот од работници и високата цена на бербата ги тера земјоделците да бараат нови начини како производот да стигне до купувачот.

Социјалните мрежи тука ја скратуваат целата приказна. Наместо земјоделецот да бара прекупец, а купувачот да бара домашен производ, тие се наоѓаат директно.

За малите производители тоа може да биде особено значајно. Македонското искуство веќе покажа дека дел од земјоделците успеваат храната да ја продаваат преку Фејсбук и Инстаграм, со нарачки директно од потрошувачите и достава до нивниот дом. Кај преработените производи, како слатко, ајвар, џемови и други домашни производи, социјалните мрежи во одредени случаи стануваат главен канал за продажба, па само мал дел од стоката завршува на класичните пазари.

Но, да се стави фотографија на Фејсбук е едно, а да се направи сериозна продажба е нешто друго.

Познавачите на електронската трговија посочуваат дека земјоделците мора да знаат како да го претстават производот, како да комуницираат со клиентите, да организираат испорака и да создадат доверба кај луѓе кои можеби никогаш физички не биле на нивната фарма. Токму затоа во Македонија беа организирани и програми преку кои домашни агропроизводители учеа дигитален маркетинг, продажба преку интернет и креирање содржини за социјалните мрежи. Петнаесет производители поминаа низ таков процес, а дел од нив потоа ги пласираа производите и преку домашни интернет-продавници.

„Најмногу ми користеа алатките за креирање привлечни содржини на социјалните медиуми и советите за креирање маркетинг стратегија“, изјавила една од агропроизводителките вклучени во програмата.

Друга учесничка посочила дека примената на наученото веќе донела „подобрена комуникација на социјалните медиуми“.)

Токму комуникацијата е делот што многумина го потценуваат. Купувачот сака да знае кога е набран доматот, дали производот е прскан, од кое место доаѓа, колку чини доставата и дали може да нарача пет или педесет килограми. Ако одговорот го добие веднаш, шансата за продажба е поголема.

Економистите кои ја следат малопродажбата укажуваат дека директниот контакт може да му остави поголем простор на производителот при формирањето на цената, особено кога се избегнуваат повеќе посредници. Сепак, интернетот не ги решава проблемите со производството, транспортот, складирањето и рокот на траење.

Морковот и на Фејсбук останува морков. Ако нема кој навреме да го спакува и однесе, лајковите нема многу да помогнат.

Но навиките се менуваат. Земјоделец кој некогаш чекал купувач да му влезе во двор, денес може со едно видео да му ја покаже нивата на човек во Скопје, Битола или Охрид. Купувачот гледа што се бере, прашува за цена и нарачува.

Нивата останува иста. Пазарот, очигледно, веќе не е само тезга.

Б.З.М.