Трговската војна меѓу САД и Канада ја турка Отава поблиску до Европската Унија (ЕУ). За европските компании, оваа промена веќе создава можности за развој во одбраната, воздушно-вселенската индустрија и индустриските технологии, објавува „Euronews“.
Канадскиот премиер Марк Карни предизвика бурни овации во Стразбур, што ретко му се случува на премиер на земја што не е членка на ЕУ во Европскиот парламент. Претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, подоцна му даде и политичко значење на пречекот.
„Би сакала да работам со вас за да ја отвориме вратата Канада да стане првата придружна членка на ЕУ“, изјави таа во своето годишно обраќање за состојбата на Унијата.
Фон дер Лајен пошироките односи ги опиша како „Алијанса за иднината“, која би ги опфатила одбраната, енергетиката, технологиите, критичните минерали и Арктикот.
Трговијата меѓу ЕУ и Канада стабилно расте
Трговијата со стоки и услуги меѓу двете страни е зголемена за повеќе од 81 отсто од 2016-та година, една година пред привремено да стапи во сила Сеопфатниот економски и трговски договор меѓу ЕУ и Канада, познат како CETA.
Така, билатералната трговија во 2025-та година достигна нешто повеќе од 130 милијарди евра.
Извозот на стоки од ЕУ во Канада изнесува 48,9 милијарди евра, додека извозот на услуги додава уште 29,4 милијарди евра.
Минатата година Германија извезла стоки во Канада во вредност од околу 12 милијарди евра. Следуваат Италија со 6,3 милијарди евра и Франција со 4,4 милијарди евра.
Машините, хемикалиите, фармацевтските производи и транспортната опрема доминираат во европскиот извоз во Канада.
Извозот на европски машини во Канада минатата година достигна рекордни 9,5 милијарди евра. Продажбата на електрична опрема порасна од 2 милијарди евра во 2022-ра година на 3,3 милијарди евра, додека извозот на автомобили во истиот период се зголеми од 2,9 на 4,4 милијарди евра.
Воздушно-вселенската индустрија бележи најбрз раст. Продажбата на авиони се зголемила од 449 милиони евра во 2022-ра година на 1,2 милијарди евра минатата година.

Европските одбранбени компании гледаат можност за раст
Одбранбениот сектор е најјасен пример дека Канада почнува да гледа подалеку од традиционалните американски добавувачи.
Во јули, Отава ја избра германската компанија „TKMS AG & Co. KGaA“ за испорака на до 12 нови подморници. Иако конечниот договор сè уште не е потпишан, одлуката ја става европската компанија во центарот на една од најголемите канадски програми за воени набавки.
Напредок бележи и шведската компанија „Saab“. Канада ја избра за префериран добавувач на шест авиони за набљудување „GlobalEye“, пред конкурентските понуди на „Boeing“ и „L3Harris“.
„GlobalEye“ е изграден врз основа на деловни авиони произведени од канадската „Bombardier“. „Saab“ понудила голем дел од работата да се извршува во Канада, со комбинирање на европски сензори и системи со канадски авионски конструкции.
Авионите користат млазни мотори произведени од канадската „Bombardier“. „Saab“ исто така предлага значителен дел од монтажата да се врши во Канада, со комбинирање на европски технологии и канадско производство.
Во јуни Канада стана и првата неевропска држава што доби пристап до јавните набавки во рамките на програмата „SAFE“ на ЕУ. Тоа им овозможува на канадските производители пристап до заедничките европски набавки, а на европските одбранбени групации им го олеснува создавањето синџири на снабдување што вклучуваат канадски компании.
Можности и во други индустрии
Можностите за соработка меѓу ЕУ и Канада се протегаат и надвор од воената опрема.
„Air Canada“ се обрати до „Airbus“ за испорака на осум авиони „A350-1000“. Отава склучи договор со европскиот производител на авиони за изградба и испорака на четири нови авиони-цистерни „A330“, како и за преопремување на уште пет авиони. Проектот е дел од програма вредна 2,2 милијарди евра.
Канада издвојува и дополнителни 930 милиони евра за одржување на својата флота.
Германската компанија „Siemens“ инвестира 97 милиони евра во период од пет години во канадски истражувачки центар за производство на батерии со примена на вештачка интелигенција.
Француските групации „Keolis“, „Systra“ и „SNCF Voyageurs“ се дел од конзорциумот „Cadence“, избран во 2025-та година за развој на „Alto“ – планираната брза железничка линија меѓу Торонто и Квебек.
Канада издвои околу 2,4 милијарди евра за развојната фаза на проектот.



