ПочетнаЕКОНОМИЈАСВЕТШвајцарија изненади со силен економски раст, прогнозата скокна речиси двојно

Швајцарија изненади со силен економски раст, прогнозата скокна речиси двојно

Швајцарија очекува економијата годинава да расте речиси двојно побрзо од досега прогнозираното, додека инфлацијата би требало да остане во целниот опсег на централната банка, пренесува „Bloomberg“.

Државниот секретаријат за економски прашања (SECO) сега очекува бруто-домашниот производ (БДП), приспособен за влијанието на големите спортски настани, да порасне за 1,7 отсто во 2026-тa година. Во јунската прогноза се очекуваше раст од само 0,9 отсто.

За следната година „SECO“ ја задржа прогнозата за раст од 1,6 отсто.

Зголемувањето на краткорочната прогноза следува по изненадувачки силниот раст во вториот квартал. Сепак, „SECO“ предупреди дека резултатот бил поддржан од нестабилниот фармацевтски сектор, што „веројатно ја преувеличува реалната динамика на економијата“.

Подобрената прогноза е во согласност со онаа на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕСР), која претходно оваа недела значително ги зголеми своите проценки.

Швајцарската економија годинава се покажа како исклучително отпорна, и покрај високите цени на нафтата и продолжените трговски тензии меѓу земјата и САД. „SECO“ во четвртокот и двата фактори ги посочи како ризици за економските перспективи.

Институцијата непроменети ги остави прогнозите за инфлацијата – 0,6 отсто и годинава и следната година.

Тоа е во согласност со прогнозите на Швајцарската народна банка од јуни. Централната банка има инфлациска цел во рамките од 0 до 2 отсто, а новите прогнози треба да ги објави на следниот состанок, закажан за 24-ти септември.

Се очекува тогаш централните банкари да ја задржат основната каматна стапка на нула отсто, иако можно е да ја променат формулацијата во однос на нивната подготвеност да интервенираат на девизниот пазар за да го поддржат франкот, имајќи предвид дека швајцарската валута неодамна значително ослабе во однос на еврото.

Во јули, извори запознаени со внатрешните разговори во централната банка изјавија за „Bloomberg“ дека нејзините претставници очекуваат основната каматна стапка да остане непроменета до крајот на 2027-ма година.